АСО реши 31% повеќе претставки во корист на осигуреници, изречени парични казни за две осигурителни компании
Во првото полугодие годинава осигуреници најбројни се претставките за исплата на штети од автомобилска одговорност и за осигуран имот. Најголем раст има кај бројот на претставки со кои осигурениците се жалат на рокот во кој компаниите ги решаваат штетите. Менаџментот на АСО во континуитет ја зголемува транспарентноста во работењето што резултира со постојан раст на бројот на добиени претставки. Во првите шест месеци бројот на претставки по кои постапува АСО се зголеми за 65% во споредба со истиот период лани
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) доби 135 претставки од осигуреници кои се жалат на услугите на осигурителни компании и брокерски друштва во првите шест месеци годинава.
АСО, врз основа на обработените претставки, утврди пропусти во постапувањето кај две осигурителни компании за што им изрече и парични казни.
Осигурениците во овој период најчесто се жалеле на остварување на правата за обештетување по полиси од автомобилска одговорност и од осигурување имот.
Во корист на осигурениците АСО реши 21 претставка и тоа е за 31 отсто повеќе од истиот период минатата година. Очекувано, најголем број, односно 12 од позитивно решените претставки се кај осигурувањето од автомобилска одговорност, најмасовната класа осигурување.
Во корист на осигуреници се решени 4 претставки за осигуран имот, 2 претставки за осигурување од незгода и по една поплака за приватно здравствено осигурување, за осигурување живот и за каско осигурување.
Во процес на решавање се 23 претставки, а 16 се повлечени од подносителите. Во 16 случаи АСО утврдил дека поднесоците се без основа, а негативно се решени 59 од обработените претставки.
Што се однесува до видот на осигурување, очекувано, осигурениците најчесто се жалеле на услуги во најмасовната класа – автомобилско осигурување. АСО, од оваа класа осигурување, обработил 47 претставки меѓу кои најбројни односно 26 поплаки се за постапки за обештетување преку пополнување Европски извештај.
Во првото полугодие поднесени се 26 претставки за осигуран имот. Кај оваа класа има најголем раст на поднесени претставки во однос на истиот период лани и тој изнесува 160 отсто.
Најчеста причина за поднесена претставка во овој период е основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите шест месеци се примени 50 такви претставки.
Најголем раст на поплаките има заради рокот во кој компаниите ги обработуваат пријавените штети од осигуреници. За овие шест месеци има 23, а за истиот период лани имало само 4 такви претставки.
Бројот на осигуреници- физички лица кои поднеле претставки е зголемен за 58 отсто и изнесува 106.
Во овој период 22 правни лица поднеле претставки за услугите од нивните осигурители. Бројот на претставки поднесени од осигуреници – правни лица, годинава во однос на лани, е поголем за 47 отсто.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Важно известување за Осигурително-брокерски друштва!
Агенцијата за супервизија на осигурување ги известува сите осигурително-брокерски друштва дека на следните линкови се достапни:
Над 281.000 граѓани имаат животно осигурување, вложиле осум милиони евра за три месеци
Петте компании за животно осигурување, во првиот квартал, склучиле нови 14.000 договори со кои животите ги осигурале над 20.000 граѓани. Од вложените 8 милиони евра во класичните осигурителни производи : ризико и осигурување со штедна компонента се вложени 6,3 милиони евра, а останатите се инвестирани во „јунит линкд“ осигурување.

Нови 20.000 граѓани го осигурале животот во првите три месеци годинава со што вкупниот број на граѓани кои имаат животно осигурување надмина 281.000. Тоа е за 8 отсто повеќе осигурени лица во споредба со крајот на претходната година. Во првите три месеци во осигурување живот граѓаните вложија 494 милиони денари (8 мил.евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најбројни се вложувањата во таканареченото ризико – осигурување. Повеќе од 220.000 граѓани имаат ризико осигурување и тоа е за речиси 20.000 осигуреници повеќе во споредба со крајот на 2021 година.
Овој продукт вклучува осигурувањето на животот на осигуреникот и во случај на негова смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Кај овој вид осигурување доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија.
Осигурување живот со штедна компонента, на крајот на март годинава, имаат 50.000 граѓани. Овој продукт овозможува на осигуреникот по истек на договорот за осигурување своето вложување да го добие како заштеда со одредена камата.
До крајот на март годинава околу 11.000 граѓани имаат животно осигурување популарно наречено „јунит линкд осигурување“. Кај оваа класа дел од парите уплатени за осигурување живот се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал.
Токму заради тоа што вредноста на овие вложувања зависи од берзите ризикот од вложувањето во овој производ го превзема осигуреникот. Тоа значи дека на истекот на периодот на кој е склучен договорот за осигурување износот на парите што треба да ги добие осигуреникот ќе зависи од пазарните (т.е. берзанските) цени на уделите на инвестициските фондови во кои биле вложувани парите од животното осигурување.
Повеќе за овој осигурителен производ може да прочитате на следниот линк https://aso.mk/aso-shto-mora-da-znaete-pred-da-kupite-junit-linkd-osiguruvanje-zhivot/
Од вкупните вложувања во животно осигурување во првите три месеци, 387 милиони денари (6,3 мил.евра) се вложувања во класичните осигурителни производи : ризико и осигурување со штедна компонента. Вложувањата во „јунит линкд“ осигурување за овој период достигнаа 107 милиони денари (1,7 мил.евра).
Петте компании за осигурување живот во првите три месеци годинава исплатиле вкупно 180 милиони денари (2,9 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на случена смрт.
Минатата година беше рекордна од аспект на вкупните вложувања во осигурување ѓживот кои надминаа 2 милијарди денари (32,5 мил.евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Земјоделци и фармери за три месеци во осигурување вложија 2 милиони евра
Вкупно 600 индивидуални земјоделци и фармери и уште педесетина аграрни компании за првите три месеци годинава ги осигурале своите посеви, плодови и животни. Наскоро земјоделското осигурување ќе стане задолжително со закон и заради тоа неговото учество во осигурителниот пазар значајно ќе се зголеми. Целта на оваа реформа е преку зголемување на масовноста значајно да се намали цената на осигурувањето, а истовремено со акумулација на средствата на осигурениците-земјоделци да се создадат големи фондови од кои ќе се исплаќаат штети кои може да ги предизвикаат временските непогоди и особено актуелните климатски промени

Повеќе од 650 индивидуални земјоделци и аграрни компании вложија 118,6 милиони денари (1,93 мил.евра) во осигурување на посеви, плодови и животни за првите три месеци годинава, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вкупно 600 земјоделци и фармери во првиот квартал годинава вложиле во осигурување на своето земјоделско производство. За осигурување на посевите и плодовите во овој период се склучени 444 договори за осигурување во кои земјоделците вложиле 81 милиони денари (над 1,3 мил.евра). Фармерите во осигурување на своите животни вложиле над 23 милиони денари (380.000 евра) и склучиле 156 договори со осигурителни компании.
Во овој период во осигурување на своето земјоделско производство, стока и живина земјоделските компании вложиле 14,4 милиони денари (234.000 евра). Од тоа 5,5 милиони денари (89.000 евра)се за осигурување посеви и плодови, а останатите 8,9 милиони денари (145.000 евра) се за осигурување животни.
Осигурителните компании во првите три месеци исплатиле 24,1 милиони денари (391.000 евра) за штети покриени со земјоделско осигурување. Исплатени се 331 штета на фармери за осигурување животни и 6 штети за осигурување посеви и плодови.
Минатата година вкупните вложувања во земјоделско осигурување изнесувале 547 милиони денари (8,9 мил.евра). При тоа биле склучени вкупно 3.858 договори за осигурување посеви, плодови и стока. Речиси 3.000 од тие договори ги склучиле индивидуални земјоделци кои ги осигурале нивните посеви и плодови, а над 500 фармери вложиле во осигурување на нивната стока и живина. Лани 376 земјоделски компании имале осигурување за посеви, плодови и стока.
За 2021 година осигурителните компании исплатиле вкупно 355,6 милиони денари (5,8 мил.евра) штети за осигуран добиток, посеви и плодови.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.