Седница одржана на 23.09.2014
- Правилник за начинот и постапката за спроведување на стручен испит за актуар,
- Одлука за неспроведување на обука и стручен испит потребен за добивање дозвола за работа како овластен актуар (2014-2016 година),
На 15 септември, 2014 година во Скопје се одржа прес конференција за промоција на новото осигурување во земјоделството, подржано од Европа Ре друштво за реосигурување одговорно за имплементирање на програмата за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики – Southeastern Europe Catastrophe Risk Insurance Facility (SEEC CRIF).
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г.Климе Попоски имаше свое обраќање при што изрази огромно задоволство од промовирањето на новиот производ за индексно осигурување на остварени приноси од посеви во Македонија, наменет за продажба преку домашните друштвата за осигурување, а развиен од страна на Европа Ре.
Притоа, искажа задоволство од пристапот што го имаше Европа Ре во креирањето на новиот производ во кој се вградени најнапредни технологии за управување со ризици, применети се високи стандарди за акредитација на домашните друштвата за осигурување преку кои ќе се продаваат полисите а со тоа е направена и најдобра понуда за реосигурување што влева дополнителна сигурност во функционирањето на целиот систем. Тоа претставува дополнителна гаранција дека осигурениците ќе бидат фер и навремено обесштетени доколку нивните посеви претрпат штети под влијание на временските непогоди.
Во име на Агенцијата за супервизија на осигурување, како регулаторно тело на осигурителниот сектор, тој истакна комплетна поддршка за процесот на воведување на новиот осигурителен производ притоа истакнувајќи дека Агенцијата значително придонесе во неговото креирање. На овој начин, во рамки на својата мисија за развој на пазарот на осигурување, Агенцијата активно се вклучи во креирање соодветни услови и амбиент за понатамошен развој на осигурувањето во земјата што во континуитет треба да придонесе за раздвижување на економскиот развој и просперитет и благосостојба на граѓаните.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, г.Климе Попоски даде објаснување за производот укажувајки дека индексираното осигурување на остварени приноси од посеви е познат модел во светот кој за првпат ќе биде применет во РМ. Тоа е уникатен пристап во осигурувањето во земјоделство преку кој сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво. Клучната новина во пристапот е во делот на исплатите на отштетните побарувања кои ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска проценка на штети и загуби на поединечни парцели. На ваков начин, дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на квалитет при исплата на штети, со што земјоделците добиваат дополнителна сигурност. Нагласи дека според направени истражувања, регионот на Југоисточна Европа, во кој припаѓа Македонија, е еден од регионите кој е подложен на силни влијанија на климатските промени, кои можат да предизвикаат поплави, суши, лизгање на земјиште, болести на земјоделски култури и друго, при што штетите се пресметуваат во милиони долари годишно.
Досегашната практика јасно покажува дека најефикасен начин како да обезбедиме долгорочна сигурност е осигурувањето како форма на финансирање на ризици од евентуални штети кои би биле предизвикани од природни непогоди. На крај на своето обраќање г. Попоски апелираше до сите фармери да ги искористат придобивките што ги нуди овој осигурителен производ, како и субвенциите од државата и да ги осигураат своите посеви со што ќе ја обезбедат финансиската сигурност на своите семејства.
Агенцијата за супервизија на осигурување ги информира сите заинтересирани лица дека со почеток од 3 ноември 2014 година, во времетраење од 2 (две) години, ќе организира обука за актуари по чие посетување и успешно полагање на испитите, кандидатите ќе може да се здобијат со Уверение за успешно положен Стручен испит потребно за добивање дозвола за работа како овластен актуар.
Обуката за актуари се состои од следните предмети:
1. Веројатност и статистика;
2. Финансиска математика;
3. Стохастичко моделирање;
4. Економија;
5. Модели на доживување;
6. Актуарска математика I;
7. Актуарска математика II;
8. Управување со инвестиции и средства;
9. Осигурување на живот;
10. Неживотно осигурување;
11. Социјално и пензиско осигурување;
12. Здравствено осигурување;
13. Сметководство во осигурувањето;
14. Регулатива од областа на осигурувањето;
15. Професионализам и eтика.
Секој учесник на обуката има право да го полага секој од испитите најмногу два пати, по што, доколку не го положи испитот, ќе го изгуби правото да ја продолжи Обуката. Предавањата ќе се одржуваат во текот на една недела по што следува испит по предметот најдоцна еден месец по завршувањето на предавањето од определениот предмет.
Сите заинтересирани кандидати, најдоцна до 15 септември 2014 година, можат да се пријават со поднесување пријава за посетување на обука и полагање на стручен испит за добивање дозвола за работа како овластен актуар во Агенцијата за супервизија на осигурување, на адресата: ул.„Васил Главинов” бр.12, ТЦЦ Плаза, кат 2, Скопје (во архива), секој работен ден од 08:30 до 16:30 часот.
Кон пријавата кандидатите треба да достават:
1. Доказ за завршено високо образование (во оригинал или заверено од нотар);
2. Доказ за платен надомест за учество на обуката и полагање на испитите;
3. Лична карта (пасош – за странски државјани) на увид.
Надоместокот за посетување на обуката и полагање на испитите (за сите 15 предмети задолжително) изнесува 120.000 (сто и дваесет илјади) денари.
Уплатницата за платен надоместок треба да ги содржи следните податоци:
ЦЕЛ НА ДОЗНАКА: Oбука и полагање на стручен испит за актуар
НАЗИВ НА ПРИМАЧОТ:Агенција за супервизија на осигурувањето – Скопје;
БАНКА НА ПРИМАЧОТ: Стопанска банка АД -Скопје;
СМЕТКА: 200002007041251
Доколку, според проценка на Агенцијата, не се пријават доволен број на кандидати за посета на обуката, Агенцијата нема да спроведе стручен испит.
Пријавата за посетување обука и полагање на стручен испит за добивање дозвола за работа како овластен актуар може да се подигне од Агенцијата за супервизија на осигурување или директно да се преземе од интернет страницата на Агенцијата www.aso.mk.
Пред поднесување на горенаведената пријава за посетување на обука и полагање на стручен испит за добивање дозвола за работа како овластен актуар, контактирајте ги следните телефонски броеви: 02 3254-070 и 02 3254-066, за подетални информации во врска со истата.
Повеќе информации за спроведувањето на Стручниот испит и добивањето дозвола за работа како овластен актуар може да најдете на интернет страницата на Агенцијата (www.aso.mk > Регулатива > Подзаконски акти) во следните Правилници:
– Правилник за начинот на спроведување на стручниот испит за добивање на дозвола за работа како овластен актуар (Сл.весник на Р. М. 119/2011),
– Правилник за потребната документација за добивање на дозвола за работа како овластен актуар (Сл.весник на Р.М. 119/2011).
Агенција за супервизија на осигурување
Агенцијата за супервизија на осигурување ги известува сите заинтересирани кандидати дека поправниот испит за застапници во осигурување односно осигурителни брокери ќе се одржи на ден 15.09.2014 година, во 15:00 часот, во просториите на Европски Универзитет.
Пријавите за поправен испит освен по пошта може да се достават и по електронски пат, на адреса armin.ukikj@aso.mk , најдоцна до 14.09.2014 година.
Кандидатите кои ќе го полагаат испитот, потребно е да бидат во просториите на Европски Универзитет најдоцна до 14:45 часот.