Седница одржана на 23 јуни, 2022
- Записник од тринаесета седница на СнЕ на АСО во 2022 година, одржана на ден 14.6.2022 година во 13:00,
- Годишен извештај за состојбата и движењето на осигурителниот пазар во 2021 година.
Осигурувањето имот останува најголема доброволна осигурителна класа од сите неживотни осигурувања. Приватното здравствено осигурување за прв пат досега е втора по обем класа доброволно осигурување. Најголем раст на вложувањата, од дури 180% има кај осигурувањето кредити. Продажбата на патничкото осигурување, по укинување на анти – ковид рестрикциите порасна 80%

Вложувањата во неживотно осигурување достигнаа 2,5 милијарди денари (40,5мил.евра) во првите три месеци годинава. Осигурителниот пазар за неживотно осигурување порасна за 10 отсто (3,5 мил.евра) во првиот квартал годинава во
споредба со истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Во првите три месеци годинава се склучени речиси 307.000 договори за неживотно осигурување и тоа е за 11 отсто повеќе од истиот период лани. Во осигурување имот за овој период осигуреници вложиле 555,6 милиони денари (9 мил.евра) и тоа е за 5 отсто помалку во однос на истиот период 2021 година. И покрај малиот пад осигурувањето имот останува најголемата т.е. најпродавана
класа на доброволно осигурување.
Приватното здравствено осигурување и во пост-ковид периодот продолжува да биде најпопуларно осигурување според растот на вложувањата. За првите три месеци годинава десет осигурителните компании за неживотно осигурување склучиле речиси 8.000 договори за приватно здравствено осигурување. Осигурениците во овој период во ова осигурување вложиле 225 милиони денари
(3,7 мил.евра), што е за 81 отсто повеќе од истиот период лани. Најекспанзивен раст на вложувања има во класата осигурување кредити. Официјалните податоци покажуваат дека осигуреници вложиле 121.000 евра за три месеци и тоа е за 180 отсто повеќе од вложувањата во овој производ истиот период лани. Ова осигурување на пазарот го продаваат пет осигурителни
компании, а за три месеци се склучени речиси 1.000 договори за осигурување. Значаен раст, со укинување на анти-ковид мерките, има и кај патничкото осигурување. Во однос на лани продажбата на патничко осигурување во првите три месеци годинава порасна за 80 отсто. Во ова осигурување се вложени 30,3 милиони денари (500.000 евра). Осигурувањето од автомобилска одговорност останува најголема класа. За првите три месеци склучени се речиси 176.000 договори за осигурување од кои над 32.000 се зелени карти за патување во странство. Вредноста на полисите за автомобилска одговорност, продадени во првите три месеци, надмина една милијарда денари (17 мил.евра) и бележи раст од 5 отсто во однос на лани. Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
За три месеци осигурителните компании исплатија речиси 23.000 оштетни побарувања. Најголем раст на вредноста на исплатени штети за покривање медицински трошоци има кај приватното здравствено осигурување, а најголем процентуален раст има кај исплатите за штети покриени со патничко осигурување. Исплатите во најголемата доброволна класа – осигурување имот пораснаа за 17 % во споредба со истиот период лани

Единаесет осигурителни компании за неживотно осигурување исплатија 978 милиони денари (15,9 мил. евра) за настанати штети на свои осигуреници во првите три месеци годинава. Во првите 90 дена годинава осигурителните компании исплатиле речиси 23.000 штети на осигуреници и тоа е 30 отсо повеќе од истиот период 2021 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Најголемо учество во структурата на исплатените штети очекувано има најголемата осигурителна класа – задолжителната автомобилска одговорност (ЗАО) која е обрврзувачка со закон. Вредноста на исплатените штети за ЗАО изнесува 473 милиони денари (7,7 мил. евра) и тоа е 48 отсто од вредноста на сите штети платени во овој период. Во споредба со истиот период лани вредноста на исплатените штети е зголемена за 4 отсто.
Најголем раст на вредноста на исплатените штети повторно има кај приватното здравствено осигурување. Осигурениците наплатија 84,5 милиони денари (1,4 мил. евра) трошоци за медициски предгледи и лекување за период од три месеци. Тоа е за 94 отсто (690.000 евра) повеќе од истиот квартал минатата година. Од почетокот на корона кризата пред две години ова е најбрзорастечки осигурителен производ.
Значаен за истакнување е растот и на исплатените штети кај најголемата доброволна осигурителна класа – осигурувањето имот. До крај на март годинава се исплатени речиси 1.800 оштетни побарувања за осигуран имот во вредност од 116 милиони денари (1,9 мил. евра). Тоа се 17 отсто повеќе исплатени средства во однос на истиот период 2021 година.
Патничкото осигурување има најголем релативен раст на вредноста на исплатени штети. Очигледно дека укинувањето на ограничувањата предизвикани од здравствената пандемија охрабри повеќе осигуреници да патуваат надвор од земјава. Во првите три месеци друштвата за осигурување исплатија речиси 2,5 пати повеќе пари за штети покриени со патничко осигурување. Нивната вредност достигна 13,7 милиони денари (223.000 евра).
Вредноста на сите исплатените штети за неживотно осигурување во периодот јануари – март годинава е за 6 отсто повисока во однос на истиот период лани.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Животното осигурување кај кое парите се вложуваат во удели на инвестициски фондови („Јунит Линкд“ осигурување) е висококвалитетен производ со голем потенцијал за оплодување на инвестицијата. Но тој истовремено содржи и ризик од загуба на вложените средства затоа што вредноста на вложеното зависи од цените на уделите кои се формираат на берзите. Токму заради ова АСО ги задолжи осигурителните компании квалитетно да ги информираат осигурениците за ризикот од загуба на вложените средства. Со новиот правилник на АСО продавачите на „Јунит Линкд“ осигурување имаат обврска на секој потенцијален осигуреник да му дадат на увид ниво на ризик од загуба на вложеното на скала од 1 до 7. Исто како што имаат обврска пред продажбата на „Јунит Линкд“ осигурување на осигуреникот да му дадат детален приказ на структура на сите трошоци на вложување кои ќе треба да ги плати. Осигуреникот има право да добие на увид податоци за очекуван просечен месечен раст на вредноста на вложеното за период од пет години во иднина. Ова се дел од новините кои произлегуваат од новиот правилникот со кој АСО значајно ја зголеми транспарентноста при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување живот

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги задолжи сите осигурителни компании кои продаваат „Јунит Линкд“ осигурување живот на секој потенцијален осигуреник да му достават документ со клучни информации врз основа на кој ќе одлучи дали да вложи во овој осигурителен производ.
Станува збор за унифициран документ кој содржи информации за нивото на ризик од можна загуба на вложени средства како и за очекуваната добивка од вложеното. Осигуреникот ќе биде информиран и за условите и последиците од предвремено раскинување на договорот за вложување. Исто така продавачот ќе ги прикаже и сите еднократни, периодични, повторливи, повремени и непредвидени трошоци што треба да ги плати осигуреникот.
Воедно продавачот на осигурувањето ќе биде обврзан и да го информира осигуреникот и за правото да поднесе претставка односно приговор до АСО. Ова се клучните новини кои ги содржи новиот правилник што го донесе АСО со цел да ја зголеми транспарентноста при вложувања во јунит линкд осигурување живот.
„Јунит Линкд“ е релативно нова класа на осигурување живот кај која дел од вложените пари се инвестираат во удели на инвестициски фондови. Тоа се вложувања со висок квалитет, но факт е дека цените на уделите се променливи и зависат од движењата на глобалните берзи. Токму заради тоа и ризикот од вложувањето на средствата паѓа на товар на осигуреникот.
Токму волатилноста на пазарите на капитал остава простор од ризик осигуреник да загуби дел од уплатените средства при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување исто како што постои реална можност за солидно оплодување на вложените средства.
Официјалните податоци на АСО покажуваат дека само во минатата година биле раскинати 941 договор за „Јунит Линкд“ осигурување живот во период кога вкупно биле склучени 2.726 договори. Дополнително на ова бројот на раскинати договори лани достигна 9 отсто од вкупниот број на активни договори во оваа осигурителна класа кој изнесува 10.628.
Следејќи ја будно оваа состојба Советот на експерти на АСО одлучи да усвои подзаконски акт што значајно ќе ја зголеми транспарентноста за овој осигурителен производ.
Тоа во голема мерка ќе им помогне на сите потенцијални инвеститори при носењето на одлуките за вложување во јунит линкд да го проценат потенцијалниот ризик од ова вложување.
Освен горенаведените клучни новини како мерки за подобро информирање на осигурениците новиот правилник предвидува продавачот да истакне дали вложувањата се во денари или во странска валута. Од причина што оваа информација може да влијае врз вредноста на вложувањето преку можни промени на девизниот курс на денарот.
„Јунит Линкд“ е интернационален термин глобално прифатен и користен за овој вид осигурување живот. „Јунит Линкд“ значи дека вредноста на вложените средства директно зависи од вложувањата во удели на отворени или затворени инвестициски фондови.
Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот „Јунит Линкд“) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 мил.евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година.
Правилникот ќе стапи на сила од почетокот на октомври годинава. Повеќе детални информации за правилникот што ја регулира оваа материја се достапни на следниот линк https://aso.mk/wp-content/uploads/2022/05/pravilnik-udeli-vo-investicziski-fondovi-sl-vesnik-109-2022-2.pdf
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Договор за осигурување на имот се склучува за да го заштитите вашиот имот.Со осигурување на имот добивате обесштетување во случај на настанување на штета на вашиот имот. Обесштетувањето неможе да биде поголемо од штетата која осигуреникот ја претрпел.Кај осигурувањето на посеви и плодови, обесштетувањето се утврдува согласно вредноста што би ја имале посевите и плодовите во времето на собирањето.Напомена: При утврдување на обесштетувањето се зема предвид и пропуштената добивка но под услов ако тоа е договорено.Ако во текот на ист период на осигурувањето настанат повеќе штети еден по друг, обесштетувањето за секоја од нив се определува и исплатува во целост со оглед на сумата на осигурување, без нејзино намалување за износот на порано исплатените штети во тој период.Осигурителни поими:– Осигурувач – е друштво за осигурување– Договарач на осигурување е лице што со друштвото за осигурување склучува договор за осигурување (полиса)– Премија на осигурување е износ што договарачот на осигурување го плаќа врз основа на склучениот дговор– Сума на осигурување е износ на кој имотот е осигурен– Лист на покритие е потврда што привремено ја заменува полисата– Полиса е документ со кој се потврдува постоење на договорот за осигурувањеВажно: Кога купувате полиса за осигурување на имот задолжително побарајте друштвото за осигурување да ви ги даде Условите за осигурување кои се применуваат за осигурување на имот. Внимателно прочитајте ги!
Нова брошура на АСО: Во неколку чекори како и каде да пријавите штета. Погледнете ја на следниот линк
Транспарентното работење на менаџментот на АСО придонесе да расте бројот на претставки добиени од осигуреници за работата на осигурителните компании. За три месеци АСО постапи по 52 претставки што е тројно повеќе од лани. Најбројни, во првите три месеци годинава, се поплаките на осигуреници при обештетување од автомобилска одговорност покриенa со европски извештај. Нивниот број е зголемен за речиси четири пати.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) во првите три месеци годинава разгледала 52 претставки од осигуреници кои се пожалиле на услугите од осигурителни компании. Бројот на претставки по кои АСО постапува во првиот квартал годинава е зголемен тројно во споредба со истиот период лани кога стручните лица на АСО постапувале по 17 претставки.
Во периодот јануари – март до АСО стигнале вкупно 62 претставки од осигуреници. Од нив 6 биле без основ за разгледување, а подносителите во 4 случаи ги повлекле своите претставки. Од вкупно 52 случаи по кои постапувал АСО во корист на осигуреници се решени 8 претставки и тоа е за 4 пати повеќе од истиот период лани. Во процес на постапување се 18 претставки, а негативно се решени 26 поплаки на осигуреници.
Најчесто осигурениците се жалеле на услугата европски извештај при решавање на штети во сообраќајот. Од вкупно 27 поплаки за решавање штети од автомобилска одговорност (најголемата и задолжителна осигурителна класа) дури 19 претставки се заради постапување на осигурителните компании по европскиот извештај за штети. Во споредба со истиот период лани, оваа година на таа услуга се пожалиле 4 пати повеќе осигуреници.
Значаен раст на поплаки има и кај осигурувањето имот – најголемата доброволна осигурителна класа. Стручните лица на АСО примиле 13 претставки од осигуреници и тоа е двојно повеќе од истиот период во 2021 година.
Во однос на причината поради која се жалат осигуреници најбројни во овој период се претставките кои се однесуваат на основата по која компаниите исплаќаат штети. За првите три месеци се примени 20 такви претставки и тоа е за 53% повеќе од истиот квартал во 2021 година.
Најзначајно зголемување на бројот на претставки има за процесот во кој компаниите ги обработуваат штетите на осигурениците. Од почеток на јануари до крај на март се поднесени 16 претставки за обработка на штета, а лани истиот период биле поднесени 4 пати помалку поплаки по оваа основа.
За висината на надоместот на штета што го нудат осигурителните компании во првите три месеци годинава се пожалиле 15 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите во кои е донесена одлуката за износот на понудена оштета.
Од поднесените претставки 47 се поднесени од граѓани, а 15 од правни лица. Од граѓаните кои поднеле претставки 13 користеле услуги на адвокат – застапник.
Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.