Осигурениците добија 30 отсто повеќе од штети на имот, осигурителите платија над 10 милиони евра
Вредноста и бројот на продадени полиси за осигурување имот расте пет години во контиунитет. Лани, во услови на здравствена пандемија, расте осигурувањето имот кај: домаќинствата, компаниите, земјоделците и кај државниот сектор. Вкупната продажба на полиси за осигурување имот лани надмина 30 милиони евра и порасна за 5 отсто
Осигурителните компании (вкупно 11 друштва кои продаваат полиси за осигурување имот) лани на своите осигуреници им исплатиле вкупно за штети (бруто исплатени штети) 10,2 милиони евра, што е за 30 отсто повеќе од претходната година.
За штети од пожари и други природни непогоди лани биле надоместени 191 милиони денари (3,1 милиони евра), додека пак кај останатите имотни осигурувања лани осигурениците добиле 439 милиони денари (7,1 милиони евра).
Вкупната продажба (бруто полисирана премија) на полиси за осигурување имот лани достигна 1,86 милијарди денари (30,26 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Вредноста на осигурителните полиси кои осигурниците ги купиле лани пораснала за 5 отсто (1,43 милиони евра) во споредба со 2019 година.
Зголемен е и бројот на склучени полиси за осигурување имот на физички лица и на правни лица. Вкупниот број на полиси за осигурување на имот во 2020 изнесува 135.223 што е за 4 отсто повеќе споредено со претходната година.
Граѓаните лани во осигурителни полиси вложиле вкупно 507,4 милиони денари (8,25 милиони евра), а приватни компании и државните институции платиле 1,35 милијарди денари (22,01 милиони евра). Најголемо учество во вкупната вредност на осигурувањето лани имаат осигурувањата на градби и нивната содржина (13,3 милиони евра) и земјоделските осигурувања (7,84 милиони евра).
При тоа, осигурувањето на имот (освен пожар и други природни непогоди) пораснало за 7 отсто во однос на 2019 година и надминало 1,09 милијарди денари (17,76 милиони евра), што пред сè се должи на градежната експанзија во урбаните средини.
Зголемување од 2 отсто има и кај продажбата на осигурување од пожар и други природни непогоди која достигна 768,2 милиони денари (12,5 милиони евра).
Податоците што ги објавува АСО се достапни и на следниот линк https://aso.mk/preliminarni-podatoczi-bruto-polisirana-premija-bruto-isplateni-shteti/
Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните друштва, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација на населението.
Започнува Глобалната недела на парите 2021 година
Координациското тело на финансиските регулатори за финансиска едукација и финансиска инклузија, во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот сектор и непрофитните институции активни во доменот на финансиската едукација, деветта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите, којашто оваа година е во периодот 22 ‒ 28 март. Темата на Глобалната недела на парите за оваа година е: „Грижи се за себе, грижи се за своите пари“ (Take care of yourself, take care of your money).
Заради пандемијата со корона-вирусот, активностите за време на Глобалната недела на парите оваа година, главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и на социјалните мрежи. Виртуелните едукативни предавања ќе бидат наменети за учениците од основните и средните училишта од нашата земја на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на финансискиот систем.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ќе земе учество во Глобалната недела на пари преку бројни активности на повеќе нивоа: промовирање на корисни содржини и давање совети на осигурениците преку порталот за едукација со акцент за заштита на нивните права и интереси, споделување на корисни и навремени информации преку интернет страната и социјалните мрежи, едукативни прашалници, анкети, организирање квиз, едукативни онлине предавања, ТВ настапи,промоција на добрите практики во доменот на финансиската едукација и финасиската инклузија,промовирање на улогата на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување во финансиската едукација со цел да стане дел од нивното добро работење во однос на нивните финансиски клиенти, поттикнување на отчетноста и одговорноста на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување, не само во обезбедувањето информации и совети за финансиски прашања, туку и во промовирањето на финансиската свест на клиентите, особено за долгорочни обврски и обврски коишто претставуваат значителен дел од сегашните и идните приходи. Повеќе: Билтен на активности
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година заради пандемијата, при што од 2021 година се одржува во организација на ОЕЦД. Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 175 земји во светот, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат државните, финансиските и образовните институции. Целта на Глобалната недела на парите е да ги поттикне младите да инвестираат во својата иднина, истакнувајќи ја важноста на финансиската едукација, со што ќе се помогне тие да станат свесни за своите финансиски права, ќе им се олесни пристапноста до финансиските услуги и ќе се развијат нивните финансиски вештини.
Официјалниот почеток на Кампањата може да го проследите тука: да се регистрирате тука или да гледате во живо на YouTube каналот на GNP.
Лансирањето на настанот почнува во 12:00 часот!
АСО, ОПМ и НБРМ со активности за Светскиот ден на правата на потрошувачите
Организацијата на потрошувачите на Македонија, по повод 15 март – Светски ден на правата на потрошувачите, организираше онлајн работна средба на тема Поголема доверба кај потрошувачите на финансиските производи и услуги.
На средбата присуствуваа претставници од Агенцијата за супервизија на осигурување, Министерството за финансии, Министерството за економија, Народната Банка на Република Северна Македонија, Македонската Банкарска Асоцијација, како и претставници од друштвата за осигурување, осигурително брокерските друштва, банки и штедилници.
Согласно воспоставената соработка, на средбата беа претставени претстојните активности со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), со Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) и Македонската Банкарска Асоцијација (МБА).
Областите на соработка се во доменот на поголема информираност на потрошувачите, фер пазарно однесување на финансиските институции и поголема заштита на правата на потрошувачите .
Исто така беа презентирани кредитни калкулатори, кои беа изработени од страна на ОПМ со цел да им помогнат на потрошувачите да донесат информиран избор при земање кредит, предвремено отплаќање на кредит или при одлучување дали да го искористат дозволеното пречекорување на трансакциска сметка или картичка.
Користење на калкулаторите овозможува компаративна анализа со цел потрошувачите да дојдат до најповолно решение, а притоа истите да не бидат комплицирани за употреба и тие треба да бидат дел од стратешката ориентираност кон поголема едукација на потрошувачите при користење на финансиски услуги.
На работната средба беа презентирани и две брошури со цел на потрошувачите да им помогнат во правилен избор на потрошувачки или хипотекарен кредит, како и анализата на правната рамка и институционалните форми за заштита на потрошувачите кај одредени финансиски услуги, со заклучоци и конкретни предлози за унапредување на односот кон потрошувачите корисници на финансиските услуги.
Овие активности на ОПМ се поддржани од страна на ЕУ преку Европската организација за заштита на потрошувачите – BEUC и проектот „Empowering financial services consumers and representing their interests“ (Унпредување на финансиските услуги наменети за потрошувачите и претставување на нивните интереси)
„Земјоделски осигурителен пул“ за помош на земјоделието од климатските промени
Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство, а единствено одржливо долгорочно решение за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, кој ќе биде конципиран согласно долгогодишното искуство на ТАРСИМ – турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен систем
По тој повод денеска започна тридневна работилница за воспоставување на земјоделски осигурителен пул за воспоставување на одржлив систем за заштита на земјоделците од катастрофалните временски непогоди што всушност се целите на проектот InsuResilience Solution Fund Project и реосигурителната компанија „Еуропа РЕ“. Ова е прв јавен настан со кој започнуваат активностите за овој регионален проект чии носители се Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а вклучена е Агенцијата за супервизија на осигурување како независно регулаторно тело на осигурителниот пазар и други вклучени заинтересирани страни за реализација на проектот.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, на отварањето, истакна дека со воспоставување на земјоделски осигурителен пул, еден вид на земјоделски фонд на осигурување за земјоделството, прв од овој вид во Република Северна Македонија, ќе се овозможи сигурност на земјоделското производство. Од економски аспект, создавањето на земјоделскиот осигурителен пул е важен чекор напред за државата, со што дополнително се приближуваме кон европските стандарди.
Со своето воведно излагање Арјанит Хоџа, министерот за земјоделство истакна:
-Климатските промени се наметнуваат како сериозна закана за земјоделското производство. Со години земјоделците се соочуваат со влијанието на природните непогоди за кои Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Комисијата за штети при Владата на Република Северна Македонија, исплаќа во просек три и пол милиони евра годишно на основ штети од временски непогоди. Токму затоа, решивме дека е време да воспоставиме организиран пристап за прилагодување и заштита на земјоделските производи преку воспоставување на систем на земјоделско осигурување во нашата земја.
Во своето обраќање д-р Крсте Шајноски, претседател на АСО потенцираше дека самостојното осигурување од непосакувани последици од природни непогоди, дава резултати, но тоа се покажа како недоволно, доколку се земе во предвид пошироката територија и обемот на изложеност на овие ризици.
-Тука треба да настапи осигурувањето. Тоа треба да биде решението за овие недостатоци, кои индивидуалните земјоделци неможат да ги надминат, истакна Шајноски.
Во обраќањето г-ѓа Серпил Ѓунар, директорка на турската агенција за управување со земјоделскиот осигурителен сектор (ТАРСИМ) истакна
– Во рамките на информациите што ги добивме, Македонија е земја со исклучително поволни услови за земјоделско производство, каде може да се одгледува широк спектар на растителни производи, а одгледувањето на говеда и овци е вообичаено во одредени региони. Ова се причините зошто е многу важно да управувате со ризиците во земјоделскиот сектор во вашата земја, и чекорите кои ќе ги превземете, изјави Ѓунар.

Земјоделството како стопанска дејност во Македонија во 2020 година учествува со 8,6 % во вкупниот бруто домашен производ на земјата. Околу половина од вкупната територија е земјоделско земјиште, каде преовладува растителното производство. Како единствено решение на долг рок, за намалување на последиците од климатските непогоди, е државата да имплементира ваков исклучително квалитетен проект за земјоделско осигурување, кој ќе биде конципиран согласно долгогодишното искуство на ТАРСИМ. Министерството за земјодество во соработка со Владата и надлежните министерства и институции, посветено ќе работи на воспоставување на овој исклучително значаен систем за земјоделскиот сектор. Се очекува голема поддршка од осигурителната индустрија во насока на целосна заштита на земјоделското производство од непредвидливите климатски непогоди преку соодветно осигурително покритие. Исто така, со помош на Проектот во рамки на InsuResilience Solution Фондот, МЗШВ доби техничка поддршка за реализација на сите потребни активности, сé до воспоставување на системот.
Седница одржана на 10.03.2021
- Решение за согласност за вршење на функцијата Извршен член на Одборот на директори на Национална групација за осигурување АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА Скопје за лицето Владимир Тошевски,
- Решение за одземање на лиценца зазастапување во осигурување на лицето Велика Јованова заради раскинување на договорот за застапување во осигурување склучен меѓу застапникот и друштвото за осигурување, и
- Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за основните постапки правила и начинот на спроведување супервизија.
Шајноски: АСО не забранува компаниите да делат дивиденда
Намалените приходи на осигурителниот пазар се еден од клучните фактори за носење на препораката од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување. Директорот на АСО, Крсте Шајноски во интервју за „локално.мк“ дава прецизен приказ на состојбите во овој бизнис во однос на сите негови актуелни аспекти и чинители.
„АСО не забранува компаниите да делат дивиденда туку им препорачува на компаниите кои 2020 година ја завршиле со добивка од работењето да се воздржат од носење одлуки за исплата на дивиденда’’, појаснува Шајноски.
Со оваа препорака Агенцијата им сугерира на компаниите кои лани работеле профитабилно вкупната добивка од 417 милиони денари (на ниво на осигурителна индустрија) да ја пренесат во капиталот и резервите на друштвата.
„Тоа е со цел компаниите да останат солвентни и ликвидни т.е. да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија.’’, вели Шајноски.
Како неспорен факт ја посочува доследноста на АСО во заштитата на интересите на осигурениците, па оттука и неговиот став дека препораката е всушност порака до осигурениците дека осигурителните друштва ќе ги исполнат навремено и во целост нивните финансиски побарувања и права кои произлегуваат од договорите за осигурување.
НБРМ остави простор, порано да го повлече ограничувањето кое се однесува на банките и дивидендите. Дали истото може да се очекува и од АСО и од што тоа зависи?
-Агенцијата за супервизија на осигурување, согласно со своите надлежности кои произлегуваат од Законот за супервизија на осигурување, даде препорака на осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда и за тоа ги информираше осигурителните компании и јавноста. АСО не забранува компаниите да делат дивиденда туку им препорачува на компаниите кои 2020 година ја завршиле со добивка од работењето да се воздржат од носење одлуки за исплата на дивиденда.
Која е причината АСО да даде препорака, осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда? Како ја правдате оваа препорака?
-АСО согледувајќи ги состојбите на осигурителниот пазар во актуелниот контекст процени дека постојат неколку објективни околности кои целосно ја оправдуваат препораката за воздржување од исплата на дивиденда. Еден од клучните фактори за носење на препораката е фактот што вкупните приходите од бруто полисирана премија (БПП) на целиот осигурителен пазар лани се намалени за 5 отсто во споредба со претходната година. Дополнително на тоа врз носењето на препораката влијае и тоа што од почетокот на годинава побарувањата на компаниите нема да се признаваат како средства за покривање на техничките резерви на осигурителните друштва.
Со цел зголемување на заштита на правата на осигурениците односно купувачите на осигурителните полиси и истовремено зајакнување на солвентноста и стабилноста на осигурителните компании АСО донесе три суштински значајни правилници чија примена стапи на сила од почетокот на оваа година. Имплементацијата на овие правилници за осигурителните компании ќе значи дополнителни вложување на финансиски средства и на ресурси.
Дали препораката се однесува на сите компании или на тие што 2020 година ја завршиле со пад на приходите? Дали компаниите се обврзани да ја послушаат вашата препорака?
-Препораката се однесува на сите друштва за осигурување кои оствариле добивка од работењето во 2020 година. Од вкупно 16 друштва за осигурување, 14 друштва за осигурување оствариле добивки од работењето во 2020 година, во вкупен износ од 626,6 милиони денари. Компаниите немаат обврска да ја почитуваат препораката.
Каква порака им се испраќа на осигурениците односно на купувачите на осигурителни полиси?
-АСО е независно регулаторно тело на осигурителниот пазар односно АСО е јавен сервис кој ги штити интересите на осигурениците како корисници на услугите на осигурителните компании. Колку внимание системски се посветува на заштитата на интересите на осигурениците доволно говори фактот што Законот за супервизија на осигурување предвидува друштвата за осигурување да одвојуваат најмалку 1/3 од добивката пред оданочување во резерви за сигурност. Тоа има за цел долгорочно покривање на обврските на осигурителните компании кон осигурениците.
Со оваа препорака АСО им сугерира на компаниите кои лани работеле профитабилно вкупната добивка од 417 милиони денари (на ниво на осигурителна индустрија) да ја пренесат во капиталот и резервите на друштвата. Тоа е со цел компаниите да останат солвентни и ликвидни т.е. да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија.
Со препораката АСО прати јасна порака до осигурениците дека осигурителните друштва ќе ги исполнат навремено и во целост нивните финансиски побарувања и права кои произлегуваат од договорите за осигурување.
Што велат бројките? Колку пари од дивиденда, годишно исплаќаат осигурителните компании?
-Согласно со Законот за трговски друштва акционерите на осигурителните друштва имаа целосна автономија во користење на законското право за тоа како ќе ја распределат добивката од работењето во претходната година. Имаат право да ја реинвестираат, да ја акумулираат како нераспределана добивка и да ја делат како дивиденда.
Податоците за 2019 година покажуваат дека 10 друштва за осигурување оствариле добивки пред оданочување во вкупен износ од 498,5 милиони денари. Од нив дури девет осигурителни компании лани ја почитувале препораката на АСО и се воздржале од исплата на дивиденда.
Извор: lokalno.mk
Седница одржана на 02.03.2021
- Oдлучување по поднесено барање за измена на седиште наАД за осигурување ЕУРОЛИНК, Скопје,
- Oдлучување по поднесено барање за измена на статут не АД за осигурување ЕУРОЛИНК, Скопје,
- Донесување на Упатство за начинот и постапката за спроведување на испити по предметите од Наставната програма за спроведување на стручниот испит потребен за добивање на дозвола за работа како овластен актуар на предлог на Комисијата за спроведување на стручниот испит за актуари,
- Донесување на Правилник за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во Агенцијата за супервизија на осигурување согласно К-5 Програмата,
- Донесување на Правилник за измена и дополнување на Правилникот за систематизација на работните места во Агенцијата за супервизија на осигурување.


