Одбележување на Денот на осигурувањето, 1 ноември, 2015 година
Агенцијата за супервизија на осигурување, по повод одбележување на Денот на осигурувањето, 1-ви ноември, пред претставници од осигурителната индустрија и претставници од други државни институции и регулаторни тела, одржа свечена манифестација.
На манифестацијата свечено се обратија г. Зоран Ставрески, Заменик на Претседателот на Владата и министер за финансии, г. Димитар Богов, гувернер на Народната банка на Македонија и г. Климе Попоски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.
По нивното обраќање следеше промоција на двете најнови информативно – едукативни материјали подготвени од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) кои се во насока на континуираните активности за финансиска едукација на населението.
Во рамки на манифестацијата беше доделена награда и плакета за најдобар истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Македонија за 2015 година под наслов ”Анализа на смртноста на корисници на ануитет од повеќе земји и корекција на македонски популациски таблици на смртност”. Трудот обработува актуелна и општествено полезна проблематика поврзана со работата на друштвата за осигурување на живот и пензиските друштва, а се однесува на смртноста на корисниците на ануитет (превземи тука).
Наградата на авторот г. Ристо Бајатов му ја додели претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски и следеше кратка презентација на трудот од страна на авторот.


На свечена церемонија во Народната банка на Србија, на 26 октомври, гувернерот на Народната банка на Србија, г-ѓа Јоргованка Табакович и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, г. Климе Попоски потпишаа Меморандум за соработка помеѓу двете институции.
Имајќи предвид дека пазарите на осигурување во нашите земји се соочуваат со слични предизвици, соработката ќе придонесе преку размена на искуство, пракса и знаење значително да се унапреди работењето на нашите институции и да се овозможи сеопфатна заштита на осигурениците и корисниците на осигурителни производи и услуги.