АСО додели награди и пофалници на ученици за цртежи и творби по повод деновите на финансиска писменост
АСО награди и пофали над 30 ученици од десетина основни и средни училишта ширум земјава и со тоа ги започна своите едукативни активности по повод деновите на финансиска писменост кои ги организираат сите регулатори на финансискиот пазар
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) награди девет ученици и издаде пофалници на уште 27 основци и средношколци кои креираа цртежи, есеи и песни на теми поврзани со значењето на осигурувањето. Со овој настан АСО ги започна активностите по повод седмицата на финансиска писменост, а воедно успешно го реализираше јубилејниот односно десети по ред Конкурс за избор на теми по повод 1 ноември – денот на осигурувањето.
На темите „осигурувањето ме заштитува од ризици“ , „моја инвестиција – полиса за осигурување“ и „осигурувањето е моја финансиска сигурност“ годинава АСО доби повеќе од 80 трудови од ученици од десетина градови и населени места ширум земјава.
По тој повод Крсте Шајноски, претседател на Советот на екпперти на АСО ги додели наградите и признанијата на учениците и ученичките од основните и од средните училишта.
Шајноски се заблагодари на сите пристигнати творби и им порача на децата дека тие сега се партнери на АСО во ширењето на финансиската писменост и во активностите за подигање на свеста за значењето на осигурувањето како за индивудуата така и за целото општество.
Со овој настан АСО ги започна активностите со кои се одбележуваат деновите на финансиска писменост кои ги организираат сите регулаторни тела од областа на финансиите (Народната банка, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурување – АСО и Агенцијата за супервизија на капитално-финансирано пензиско осиурување МАПАС).
АСО во рамки на своите активности од почетокот на ноември има посети училишта во кои преку соодветни форми ќе едуцира ученици за значењето на осигурувањето, учество на ТВ емисија од едукативен формат, а ќе публикува и содржини на социјалните мрежи со изразена едукативна компонента за атрубитите на осигурителните производи и за заштитата на правата на осигурениците.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

АСО реши 82% повеќе претставки во корист на осигурениците, вкупниот број на поплаки надмина 200
Најчесто осигурениците се жалат на штети во сообраќај покриени со европски извештај, а најголем пораст на поплаки годинава има кај осигурување имот. Вредно е да се истакне дека се намалува бројот на поплаки за штети кои се решаваат врз основа на полициски записник, а за 30% е намален и бројот на поплаки за работата на компаниите кои осигуруваат живот. За девет месеци бројот на претставки кои осигуреници ги поднесуваат до АСО порасна 53% што е индикатор дека граѓаните ова регулаторно тело се повеќе го препознаваат како заштитник на нивните права од осигурувањето, што е приоритет и трајна заложба на менаџментот на АСО. Заради тежината на еден сторен прекршок утврден преку поднесена претставка од осигуреник, менаџментот на АСО изрече парична казна за една осигурителна компанија
Повеќе од 200 осигуреници се пожалиле до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на работата на осигурителните компании во првите девет месеци годинава. Во овој период АСО реши 40 претставки во корист на осигурениците што е за 82 отсто повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од аспект на видот на осигурување најголем број на претставки односно 68, очекувано, се поднесени за штети покриени со осигурување од автомобилска одговорност, најголема класа осигурување која е задолжителна со закон. Меѓу нив најбројни се поплаките на осигуреници за случаи кои требало да бидат обештетени со европски записник. Такви се 42 претставки или двојно повеќе во споредба со истиот период лани.
Значаен раст на бројот на поднесени претставки има кај штети покриени со осигурување имот. За првите девет месеци поднесени се 49 претставки што е за 3,5 пати повеќе од истиот период лани. Во значајна мерка растот на претставки се должи на штети кои ги предизвика земјотресот во Битола на почетокот на годинава, а постои веројатност дека дел од претставките се однесуваат и за штети кои ги предизвикало невремето во Тиквешијата и во Скопје во август годинава.
За истакнување е фактот што годинава е намален бројот на претставки за штети во сообраќај кај кои се решавало врз основа на полициски записник. А воедно за 30 отсто е намален и бројот на претставки поднесени против компанитие за осигурување живот.
Според причините заради која се поднесуваат, најбројни се претставките во кои осигуреници се жалат на основата по која осигурителните компании ги утврдувале надоместоците за штета. Во овој период се поднесени 87 вакви претставки што е за 74 отсто повеќе од истиот период лани.
Најголем раст на поплаките според причината за поднесување има кај претставките за начинот на кој компаниите ги обработуваат штетите. За овој период се поднесени 36 такви претставки што е за 5 пати повеќе во споредба со првите девет месеци во 2021 година.
Од вкупно 203 поднесени претставки од почетокот на годинава па до крајот на септември решени се 137. Во процес на решавање се 27, подносителите самоволно повлекле 18 претставки, а констатирано е дека без основ за постапување се 22 поднесоци.
Од сите 203 претставки граѓани поднеле 166 поплаки што е за 57 отсто повеќе во споредба со периодот јануари-септември 2021 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Над 278.000 граѓани го осигурале животот, за шест месеци вложиле една милијарда денари
Бројот на граѓани кои го осигурале својот живот според најновите податоци надмина 15 отсто од целото население, согласно со податоците од последниот попис спроведен лани. Од сите осигуреници 82 отсто имаат полиси со кои е осигурана смртта, но средствата не се враќаат на осигуреникот доколку ризикот не се случи. Другите 18 отсто вложуваат во осигурување живот со штедна компонента кое овозможува да ги добијат парите со одредена добивка по истекот на договорот за осигурување живот

Вкупните вложувања на граѓаните во животно осигурување во првите шест месеци годинава надминаа 1 милијарда денари (17,3 мил.евра) и тоа е за 17 отсто повеќе од истиот период претходната година. Од почетокот на годинава па до крајот на јуни склучени се над 34.000 договори за осигурување што е за 24,5 отсто повеќе во однос на претходната година, а полиси за осигурување живот имаат повеќе од 278.000 граѓани, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Од вкупниот број полиси дури 229.000 се за таканаречено ризико осигурување. Кај овој тип осигурување во случај на смрт се исплаќа осигурена сума на член на семејството, сопружник или друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија. Бројот на граѓани кои имаат ризико осигурување пораснал за нешто повеќе од 29.000 во првите шест месеци годинава.
Од сите договори за осигурување живот над 45.000 се со штедна компонента . Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти.
Најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар е популарно нареченото „јунит линкд“ осигурување. Кај овој осигурителен производ ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот, а дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во овој тип на осигурување има над 11.600 полиси.
Петте компании за осигурување живот во првите шест месеци годинава исплатиле вкупно 345 милиони денари (5,6 мил.евра) на своите осигуреници по основ на доживување, раскинати договори или по основ на ризик смрт.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.