Пренос во живо на 22.05.23
Пренос во живо на 22.05.23
Пренос во живо на 22.05.23
Приватното здравствено осигурување и понатаму е најпопуларно доброволно осигурување со раст на продажбата од 63 отсто. Вложувањата во осигурување имот достигнаа 10 милиони евра за три месеци, а солидни растови има кај патничкото осигурување и кај каско осигурувањето на моторни возила
Вложувањата во неживотни осигурување достигнаа 3 милијарди денари (48,4 мил.евра) за првите три месеци годинава. Граѓани, фирми и институции во овој период вложија 19,5 отсто односно 7,9 милиони евра повеќе од истиот период во 2022 година. Во првото тромесечје годинава се склучени над 369.000 договори за осигурување што е за 20 отсто повеќе од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија сите 11 компании за неживотно осигурување.
Од податоците кои се јавно достапни на https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/ евидентно е дека растат вложувањата во сите поголеми доброволни класи осигурување, а расте и вредноста на полисите за задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.
Најпопуларна односно најбрзорастечка класа и во овој период е приватното (дополнително) здравствено осигурување. За првите три месеци годинава се склучени над 11.700 договори што е за 50 отсто повеќе од првиот квартал претходната година. Во приватно здравствено осигурување граѓаните за своите семејства и компании за своите вработени вложиле 367,5 милиони денари (6 милиони евра). Интересот за вложување во приватно здравствено осигурување пораснал за 62 отсто во споредба со првото тромесечје претходната година.
Најголемата доброволна класа – осигурувањето имот исто така бележи раст за 10,5 отсто. Вкупните вложувања на граѓани и правни лица за осигурување имот достигнале 612 милиони денари (10 мил.евра).Склучени се речиси 38.500 договори за осигурување имот и нивниот број е за 6 отсто поголем од истиот период лани.
Од другите доброволни класи вредно е да истакне дека има солиден раст на продажбата на полиси кај каско осигурувањето возила. Вкупната продажба на каско полиси достигна 272 милиони денари (4,4 мил.евра) и тоа е за 26 отсто или речиси 1 милион евра повеќе од истиот период лани.
Во првите три месеци годинава граѓаните патувале во странство значајно повеќе од истиот период лани. Продажбата на патничко осигурување во овој период пораснала за 45 отсто во споредба со лани и изнесува 44 милиони денари (713.000 евра). Биле продадени 64.000 полиси за патничко осигурување што е за 44 отсто повеќе од првиот квартал лани.
Најголемо учество во вкупната продажба на неживотни осигурување и годинава има осигурувањето од автомобилска одговорност кое е задолжително со закон. Осигурениците вложиле 1,18 милијарди денари (19,2 мил.евра) за три месеци и тоа е 13 отсто повеќе од истиот период во 2022 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
На седницата одржана на 19 април 2023 година, Комитетот за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем во Република Северна Македонија (Комитетот за финтек-секторот) ја усвои Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот, којашто има за цел да обезбеди услови за поддршка на иновациите во областа на финансиите, притоа имајќи ја предвид заштитата на потрошувачите и инвеститорите и стабилноста на финансискиот систем.
Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот се однесува на регулаторните аспекти поврзани со трансформацијата на финансискиот систем предводена од финтек-секторот. Во неа се содржат препораки за регулаторите при што за нивно успешно спроведување, неопходен е координиран пристап на регулаторите и соодветен механизам за надзор на спроведувањето на препораките од Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот.
Усвоениот стратегиски документ го трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни. Според Извештајот на Експертската група на ЕУ за регулативните пречки поврзани со финансиските иновации (РОФИЕГ), развојот на иновациите во сферата на финансиите може да донесе пониски цени на финансиските услуги, поширока лепеза производи и услуги, поголем избор на потрошувачите и компаниите, подобри можности за финансирање, поефикасна регулатива и усогласеност со најдобрите меѓународни практики.
Финтек-сСтратегијата за регулаторите за финтек-секторот ќе придонесе кон флексибилност и отвореност за промена на регулативната рамка заради поттикнување конкуренција во интерес на потрошувачите и кон натамошно зголемување на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем. Користењето иновативни финтек-решенија ќе доведе до повисока оперативна ефикасност, подобро управување со ризикот и подобра регулативна усогласеност на финансиските институции.
Усвоената стратегија за регулаторите за финтек-секторот е првиот дел од Националната стратегија за финтек-секторот којашто беше разгледана на седницата на Комитетот за финтек-секторот. Станува збор за завршница на активностите преземени од Народната банка во изминатите години спроведени преку проект на ЕФСЕ започнат во 2018 година, насочен кон поставување на основите за трансформација на финансискиот систем во РСМ предводена од финтек-секторот. Во 2019 година во Народната банка беше формирана работна група за финансиски технологии со експерти од различни организациски единици, којашто ја создаде Портата за иновации, како платформа за комуникација со иновативната бизнис-заедница. Во октомври 2020 година, беше спроведена анкета за сеопфатно истражување на екосистемот во која учествуваа 220 испитаници од различни сегменти на екосистемот, при што дури 90% од нив ја потврдија потребата за трансформација на финансискиот систем во РСМ, предводена од финтек-секторот. Воедно, Народната банка и Министерството за финансии беа активно вклучени во процесот на усогласување на регулативата за платежните услуги и платните системи, со која исто така се промовираат технолошките иновации во областа на финансиите. На иницијатива на Народната банка, а заради создавање услови за поддршка на развојот на финтек-секторот, финансиските регулатори ‒ Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување и Агенцијата за супервизија на осигурувањето, минатата година склучија Меморандум за соработка, со кој се постави систем преку кој регулаторите координирано дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на Стратегијата за регулаторите за финтек-секторот.
На седницата на Комитетот за финансиска стабилност беше усвоена Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, којашто ја подготви Народната банка, во консултација со останатите финансиски регулатори, во согласност со новиот Закон за финансиска стабилност. Со Стратегијата се зацврстува координираниот пристап на финансиските регулатори за натамошно јакнење на финансиската стабилност. На Комитетот беа посочени и заложбите на регулаторите за продолжување и засилување на евроинтеграциските активности, а во тие рамки беше истакната потребата од заокружување на процесот на донесување неколку системски закони од финансиската сфера коишто ќе придонесат за одржување и натамошно јакнење на финансиската стабилност. Финансискиот систем во земјата е стабилен, а случувањата во банкарскиот систем во САД и Швајцарија речиси и да немаа влијание врз него. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата, заради одржување на финансиската стабилност којашто е приоритет.
Ова се дел од заклучоците од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, со која претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО), Крсте Шајноски и главниот правен советник во Комисијата за хартии од вредност, Мате Стојановски.
Осврнувајќи се на состојбите во банкарскиот сектор, гувернерката Ангеловска-Бежоска истакна дека банкарскиот сектор е здрав и стабилен и со висок степен на отпорност на шокови. Директните ефекти од најновите случувања на глобалните финансиски пазари врз македонскиот банкарски систем се ограничени, имајќи ја предвид примената на традиционален деловен модел од страна на банките, ниската изложеност и обврски кон странство, како и ниското ниво на вложувања на банките во хартии од вредност. „И според најновите податоци заклучно со 31.3.2023 година, билансите на нашите банки се солидни, со високо ниво на капитал (највисоко ниво во последната декада), традиционално солидна ликвидност и солиден квалитет на кредитното портфолио при ниско ниво на нефункционалните кредити од 2,8%. Претходно донесените мерки за зголемување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на 0,75% придонесуваат за јакнење на стабилноста и отпорноста на банкарскиот систем. Народната банка ќе продолжи со внимателно следење на состојбите и преземање соодветни макропрудентни и микропрудентни мерки за натамошно јакнење на стабилноста. Макропрудентната стратегија е значајна за натамошно јакнење на координираниот пристап на финансиските регулатори“ – истакна Ангеловска-Бежоска.
„Министерството за финансии, како институција надлежна за работењето на финансиските друштва и друштвата за лизинг, постојано го следи работењето во овој сегмент. Законот за финансиските друштва којшто ќе придонесе за поголема заштита на граѓаните кои користат услуги од финансиските друштва е во фаза на второ читање во Собранието, па очекуваме дека многу наскоро ќе стапи во сила. Со новиот закон значително ќе се намалат надоместоците коишто граѓаните им ги плаќаат на финансиските друштва“, посочи министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување ‒ МАПАС, Максуд Али, истакна дека МАПАС обезбедува постојано функционирање, развој и унапредување на вториот и третиот столб, транспарентност и ефикасна супервизија на вториот сегмент по големина во финансискиот сектор во Република Северна Македонија. МАПАС внимателно ги следи состојбите во капитално финансираното пензиско осигурување и потенцијалните ризици во вториот и третиот столб, воопшто, и секако со посебен акцент на глобалните состојби и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики заради остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.
Максуд Али нагласи дека пензиските фондови минимално ги почувствуваа последните случувања во банкарскиот сектор и пазарите во САД и Швајцарија преку глобалното намалување на вредноста на акциите од финансискиот сектор, бидејќи средствата на пензиските фондови не се директно распределени во Банката на Силиконската долина, Сигничр бенк и Кредит свис.
„Oсигурителниот сектор во Македонија не е директно изложен на ризиците коишто се појавија во глобални рамки. Вкупните вложувања во финансиски инструменти во странство се незначајни и претставуваат само 0,1% од вкупната актива на осигурителниот сектор. Не се утврдени потенцијални неповолни движења за стабилноста на осигурителниот сектор од промена на вредноста на овие вложувања. Најголемиот дел од вкупните обврски и средства на осигурителните компании произлегуваат од договорите за осигурување склучени со домашни клиенти (правни и физички лица). Вкупната актива на осигурителниот сектор на крајот на 2022 година изнесува 30,4 милијарди денари. Вложувањата се главно во државни обврзници и депозити во домашни банки. Капиталот на друштвата за осигурување потекнува од финансиски инструменти со највисок квалитет што е показател за сигурноста и стабилноста на друштвата за осигурување и нивната способност да одговорат на непредвидени настани и обврски во работењето“, истакна Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).
Главниот правен советник во Комисијата за хартии од вредност, Мате Стојановски, истакна дека иако вложувањата на отворените инвестициски фондови во САД изнесуваат 14% од вкупните вложувања во хартии од вредност, не се евидентирани ризични пласмани коишто можат да имаат негативно влијание врз фондовската индустрија, со што се исклучува можноста за каков било ефект врз целиот финансиски систем. Сепак, потребата од будно следење на случувањата постои и за таа цел ќе служи и Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, усвоена денеска, којашто е добра основа за координиран пристап на регулаторите за одржување и негување на финансиската стабилност во однос на пазарите.
Со Стратегијата за спроведување на макропрудентната политика во Република Северна Македонија, донесена врз основа на Законот за финансиска стабилност, се поставува рамката за оперативно спроведување на макропрудентната политика, којашто ги засега пред сѐ финансискиот систем и неговата стабилност. Поконкретно, со Стратегијата се определуваат целите на макропрудентната политика, активностите за следење и оцена на системскиот ризик, се дефинираат показателите на системските ризици, макропрудентните инструменти и преземањето макропрудентни мерки. Во Стратегијата посебно внимание ѝ се посветува и на транспарентноста во работата на финансиските регулатори и Комитетот за финансиска стабилност, како и соработката меѓу надлежните органи и координацијата меѓу макропрудентната политика и другите политики, како што се монетарната политика, микропрудентната политика, фискалната политика и други релевантни политики. Комитетот за финансиска стабилност се грижи за спроведувањето на макропрудентната стратегија, а секој регулатор може да го доуредува спроведувањето на макропрудентната политика во негова надлежност и да го приспособува кон спецификите на соодветниот сегмент од финансискиот систем.
При изработката на Стратегијата се следеа препораките на Европскиот одбор за системски ризици, како и насоките на ММФ за макропрудентната политика и карактеристиките на домашниот финансиски систем.
Вложувањата во осигурување живот пораснале за 14 отсто во 2022 година, а најголемо учество во нив имаат инвестициите во животно осигурување со штедна компонента кои изнесуваат 20,1 милиони евра. Истовремено вкупните исплати на осигурителите кон осигурениците пораснале за 18,5 отсто, изнесуваат 14,5 милиони евра и вклучуваат: доживување, прекин на осигурување или смрт на осигуреник. Петте друштва за осигурување живот се солидно капитализирани и минатата година ја завршија со вкупна актива вредна 187 милиони евра
Вложувањата во осигурување живот надминаа 2,27 милијарди денари (37 мил.евра). Овој сегмент на осигурителниот пазар лани пораснал за 14 отсто во споредба со претходната 2021 година, покажуваат официјалните податоци што ги доставиле петте компании за осигурување живот до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).
Заклучно со крајот на 2022 година во земјава животно осигурување имале 305.322 лица што е за речиси 45.000 лица односно 17 отсто повеќе во споредба со претходната година. Во истиот период бројот на активни договори надминал 171.000 и е зголемен за 7 отсто.
Во вкупното осигурување живот најголемо учество имаат вложувањата во осигурување со штедна компонента. Овој продукт овозможува осигуреникот по истек на договорот за осигурување да ги добие вложените средства зголемени со камата. Уплатите на осигурениците кои го имаат овој тип на осигурување се вложуваат во банкарски депозити во државни обврзници или други безризични финансиски инструменти. Вкупно во 2022 година во овој тип на осигурување граѓаните вложиле 1,236 милијарди денари (20,1 мил.евра)
Официјалните податоци на компанииите за осигурување живот покажуваат дека најголем раст на продажбата има животното осигурување кое нема штедна компонента. Со него во случај на смрт, за времетраење на договорот, се исплаќа осигурена сума на член на семејството или на друг корисник на осигурувањето. Но доколку не се случи ризикот до истек на договорот за осигурување сите вложени средства ги задржува осигурителната компанија која го превзела ризикот да исплати средства во случај на смрт на осигуреното лице.
Вложувањата во ова осигурување лани достигнале 547 милиони денари (8,9 мил.евра) и тоа е за 56 отсто повеќе од претходната година. Бројот на лица кои го имаат ова осигурување надмина 243.000 што е 22 отсто повеќе во споредба со 2021 година.
Една од двете клучни причини за раст на продажбата за ризико осигурување е тоа што овој продукт се поврзува со банкарски кредити кои ги имаат осигурениците.
Другиот катализатор на растот на бројот осигуреници кои имаат животно осигурување е мерката со која АСО им укажа на друштвата за неживотно осигурување дека не смеат да преземаат во осигурување ризик од смрт поради болест во рамки на понудата на осигурувања од последици на несреќен случај (незгода).
Осигурувањето во кое ризикот од вложување на средствата го превзема осигуреникот е најновиот осигурителен продукт од палетата на животни осигурувања на нашиот пазар. Овој продукт е популарно познат како „јунит линкд“ осигурување. Кај ова осигурување значаен дел од парите се вложуваат во инвестициски фондови, избрани од осигурениците, чии пазарни цени зависат од движењата на регионални и глобални пазари на капитал. Во 2022 година над 13.600 осигуреници во овој продукт вложиле 494 милиони денари (8 мил.евра).
Животно осигурување продаваат пет осигурителни компании. Во продажбата на полиси лани „Кроација осигурување“ учествува со 31,7 отсто, „Граве“ со 22,1 отсто, „Винер лајф“ со 17,6 отсто, „Триглав осигурување – живот“ со 16,1 отсто и „Уника лајф„ со 12,5 отсто.
Компаниите за осигурување живот во 2022 годинава на осигурениците им исплатиле вкупно 705,2 милиони денари ( 11,5 мил.евра) односно 18,5 отсто повеќе средства од претходната година. Средствата се исплатени заради настаната смрт на осигуреник, доживување или за прекин на договор за осигурување со штедна компонента.
Петте друштва за осигурување живот имаат силно влијание на одржување на финансиската стабилност на осигурителниот пазар. Вкупната актива на овие компании на крај на минатата година изнесува 11,5 милијарди денари (187 мил.евра) што претставува 38 отсто од вкупната актива на сите 16 осигурителни компании.
АСО во рамки на своите надлежности се грижи да обезбеди проверка на усогласеноста на применетите деловни политики на вреднување на обврските, како и видовите на вложувања и вреднувањето на средствата на друштвата за осигурување. Друштвата за осигурување во континуитет се усогласени со овие законски барања.
Средствата од техничките резерви и од капиталот на друштвата за осигурување на живот се вложени во сигурни пласмани, со многу низок ризик од загуби и со солидни приноси.
Друштвата за осигурување на живот се солидно капитализирани, средствата од капиталот се од најквалитетни категории на извори на основен капитал, овозможувајќи им добра заштита од неизвесности и неочекувани ризици по континуитетот во работењето.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.