Е- БРОШУРАТА: „ЈУНИТ ЛИНКД“ осигурување
По повод Глобалната недела на пари а за зголемена финансиска едукација и поголема информираност при донесување на финансиските одлуки, АСО подготви брошура: Јунит Линкд осигурување на живот
Е- БРОШУРАТА:„ЈУНИТ ЛИНКД“ осигурување
Започнува Глобалната недела на парите 2023: „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“
Финансиските регулатори во соработка со асоцијациите и институциите од приватниот и граѓанскиот сектор коишто се активни во доменот на финансиската едукација, единаесетта година по ред ја одбележуваат Глобалната недела на парите што оваа година ќе се одржи од 20 до 26 март 2023 година.
Годинешнава тема „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина!“ (Plan your money, plant your future) се фокусира на одржливоста, и подигнувањето на свеста од импликациите на индивидуалното финансиско однесување не само врз финансиската иднина, туку и врз животната средина и општеството. Учесниците на Глобалната недела на парите можат на оваа тема да учествуваат во активности преку кои ќе се потенцира важноста на финансиските одлуки за социјална, економска и финансиска одржливост. Оваа тема ги поттикнува младите луѓе при нивните финансиски одлуки да гледаат долгорочно и да го имаат во предвид влијанието врз животната средина и општеството.
Активностите за време на Глобалната недела на парите годинава главно ќе се одвиваат преку е-предавања и објави на едукативни материјали на интернет-страниците на институциите и социјалните мрежи. Предавањата ќе бидат наменети за учениците од
основните и од средните училишта од нашата земја, како и факултетите, на теми од областите што ги покриваат одделните институции, поврзани со функционирањето на
финансискиот систем.
На светско ниво, Глобалната недела на парите се одбележува од 2012 година, со единствен прекин во 2020 година поради пандемијата, во организација на Организацијата за економската соработка и развој (ОЕЦД). Оваа глобална иницијатива, којашто досега се одбележува во повеќе од 176 земји во светот, во која се опфатени 53 милиони деца и млади, ја подигнува свеста кај младите за финансиската едукација и ги зголемува нивните знаења за парите, штедењето, вработувањето и претприемаштвото. Секоја година, младите луѓе разговараат, читаат и учат за економските и за финансиските системи преку најразлични активности што ги спроведуваат финансиските и образовните институции.
Следете не на едукативниот портал https://edukacija.aso.mk/, нашата веб страна www.aso.mk, и на социлалните мрежи ( facebook, linkedin, Instagram). Повелете, приклучете се и проширете ги своите знаења од областа на осигурувањето.
Повеќе информации за Глобалната недела на парите на врската: globalmoneyweek.org
Вложувањата во неживотно осигурување надминаа 10 милијарди денари, продажбата на полиси зголемена за 16%
Осигурениците и осигурителните компании лани склучија над 1,71 милиони договори за осигурување вредни над 10,5 милијарди денари. Најпопуларно меѓу сите неживотни осигурувања останува приватното здравствено осигурување кое три години по ред има најголем раст на продажба. Од сите доброволни класи и понатаму најмногу се вложува во осигурување имот. Најголемо учество во вкупната продажба и минатата година има задолжителното осигурување од автомобилска одговорност. Од сите 11 компании за неживотно осигурување дури десет друштва лани бележат раст на приходите од продажба на осигурителни полиси
Вредноста на вложувањата во сите класи на неживотно осигурување надмина 10,5 милијарди денари (171 мил.евра) во 2022 година. Осигурителниот пазар лани пораснал за 9,2 отсто односно за 14,3 милиони евра во споредба со 2021 година, покажуваат податоците што до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставуваат друштвата за неживотно осигурување.
Сите 11 друштва за неживотно осигурување лани склучиле над 1,71 милиони договори за осигурување и тоа е за 16 отсто подобар резултат од претходната 2021 година.
Во најголемата доброволна класа – осигурување имот лани се вложени вкупно 2,1 милијарди денари (34,3 мил.евра). Склучени биле над 145.000 договори за осигурување имот, а продажбата на полиси за оваа класа лани бележи благ пад од 2,7 отсто.
Најголем раст на вложувањата има кај дополнителното (приватно) здравствено осигурување. Ова останува да биде најпопуларна класа на доброволно осигурување која трета година по ред бележи најголем раст на продажба. Лани продажбата пораснала за 68 отсто, го продавале десет осигурителни компании, а од продажба на договори за здравствено осигурување инкасирале 679,6 милиони денари (11 мил.евра).
Забележителен раст лани бележат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупната вредност на вложувања во оваа класа пораснала за 12 отсто и достигнала 994 милиони денари (16,2 мил.евра).
Во патничко осигурување (туристичка помош за патување во странство) граѓаните лани вложиле 229,3 милиони денари (3,7 мил.евра). Продажбата на овој производ лани пораснала за 55 отсто во споредба во претходната година.
Најголема осигурителна класа и лани останува да биде осигурувувањето од автомобилска одговорност. За задолжително осигурување од автомобилска одговорност склучени се 665.000 договори во вредност од 3,83 милијарди денари (62,3 мил.евра). За патување во странство осигурителите издале над 235.000 зелени карти за кои осигурениците платиле 1,15 милијарди денари (18,7 мил.евра). Во гранично осигурување лани осигуреници вложиле 129,5 милиони денари (2,1 мил. евра).
Во вкупната продажба на полиси за осигурување лани „Триглав осигурување“ учествува со 14,4 отсто, „Уника„ со 10,9 отсто, „Еуролинк“ со 10,7 отсто, „Сава осигурување“ со 10,2 отсто, а АДОР „Македонија ВИГ“ со 9,5 отсто. Следува „Винер ВИГ“ со 9,3 отсто, „Евроинс осигурување“ со 9,2 отсто и „Кроација осигурување – неживот“ со 9 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6,8 отсто, „Халк осигурување“ со 6,6 отсто и „Граве неживот“ со 3,4 отсто.
Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11 друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во споредба со 2021 година.
Повеќе детали на следниот линк https://aso.mk/category/publikaczii/izveshtai-za-rabotata-na-osiguritelnata-industri-a/drushtva-za-osiguruva-e/
Конкурс за годишна награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на управување со ризици и осигурување
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на
управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на
млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за
2023 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во
Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема.
Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и
препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните
основни делови:
апстракт;
осврт на консултираната современа странска и домашна, научна и експертска
литература од областа која се истражува;
опис на научно истражувачката методологија која се користи во трудот;
анализа;
заклучни согледувања и
библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и
петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2023 година,
учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато
титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на
конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Повеќе (ЛИНК)
Глобалната недела на пари- Кампања за подигнување на свеста на населението за финансиската едукација и писменост
Наближува Глобалната недела на пари што ќе се одржува во периодот од 20 до 26 март, 2023 година. Овогодинешната тема на кампањата е Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина (Plan your money, plant your future), https://www.globalmoneyweek.org/
Оваа тема има за цел да ја подигне свеста на граѓанството за разбирање на финансиските производи и ризици. Тоа се реализира преку добивање на информации и совети со цел развивање на вештини кај осигурениците да станат повеќе свесни за финансиските ризици и да ги препознаат сите расположливи можности да донесат корисни финансиски одлуки кои ќе овозможат подобрување на нивната финансиска благосостојба. Придобивките од едукацијата се взаемни за економијата, поединецот, домаќинствата и општеството во целост.
Остварувајќи ја својата мисија и визија АСО како главен приоритет ја поставува заложбата кон зголемување на финансиската писменост како суштинска алатка за да се заштитатат осигурениците.
Нашата цел е создавање на поголема осигурителна култура кај населението заради препознавање на предностите што ги носи осигурувањето како најефикасен механизам за компензирање на потенцијални финансиски загуби од се почестите случувања на ризици, а особено ризиците кои произлегуваат од климатските промени.
Во овие рамки АСО делува на повеќе нивоа:
Превентивно делување кое се манифестира преку директна и индиректна супервизија на субјектите од страна на Агенција за супервизија на осигурување (АСО) со цел да обезбеди дека друштвата за осигурување ги почитуваат релевантните закони;
Развивање на свестa за ризиците поврзани со инвестирање во осигурување, правата и обврските кои произлегуваат од осигурување, механизмите за заштита на правата на осигурениците и постапувањето по претставки од страна на АСО,
Континуирано едуцирање на населението преку редовно и навремено пларисање релевантни информации преку веб страницата, социјалните мрежи и едукативниот портал на АСО, со објавување на едукативни текстови, брошури, публикации, прирачници и упатства, соопштенија, извештаи и податоци во врска со работењето на друштвата за осигурување и другите лиценцирани осигурителни субјекти, извештаи за работењето на АСО, новини во работењето и сл.
И оваа година за континуирано исполнување на горенаведените цели АСО активно ќе учествува во одбележување на кампањата „Планирај ги своите пари, гради ја својата иднина“ преку бројни активности:
– ТВ настапи, промовирање на корисни содржини и давање совети на осигурениците со цел зголемување на свесноста за различните видови осигурителни производи и одделните ризици преку порталот за едукација со акцент за заштита на правата на осигурениците, споделување на корисни и навремени информации преку интернет страната и социјалните мрежи, промоција на добрите практики во доменот на финансиската едукација и финасиската инклузија, едукативни предавања и сл.
– зголемување на свесноста на друштвата за осигурување и посредниците во осигурување со цел развивање на фер однос кон осигурениците и примена на правила на професионално однесување, зајакнување на комуникацијата со осигурениците со цел подобро согледување на нивните потреби и реакција на нивните поплаки и жалби.
Следете не на едукативниот портал https://edukacija.aso.mk/, нашата веб страна www.aso.mk, и на социлалните мрежи ( facebook, linkedin, Instagram). Повелете, приклучете се и проширете ги своите знаења од областа на осигурувањето.
Осигурениците наплатија 71,7 милион евра, осигурителните компании исплатија над 100.000 штети
Осигурителните компании исплатија 30 отсто повеќе пари за штети покриени
со осигурување лани во споредба со претходната година. Најголем број
штети се исплатени за покривање медицински трошоци покриени со
дополнително здравствено осигурување, а од сите класи доброволно
осигурување најмногу средства се исплатени за штети покриени со
осигурување имот
Осигурителните компании исплатија 103.130 штети покриени со неживотни
осигурувања во 2022 година. Бројот на исплатени штети е за 30 отсто повисок во
споредба со претходната 2021 година.
Осигурениците од компаниите за осигурување лани наплатија 4,4 милијарди
денари (71,7 мил.евра). Тоа е за речиси 5,5 милиони евра односно за 8,3 отсто
повеќе исплатени средства во споредба со 2021 година, покажуваат официјалните
податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги доставија
сите 11 компании за неживотно осигурување.
Најголем број на исплатени штети има кај дополнителното, популарно познато
како приватно, здравствено осигурување. Девет осигурителни компании кои го
продаваат ова осигурување лани исплатиле над 46.000 штети на своите
осигуреници, што е безмалку половина од сите исплатени штети. Осигурениците
кои имаат приватно здравствено осигурување лани за медицински трошоци од
своите осигурители наплатиле 426 милиони денари (6,9 мил.евра). Износот за
наплатени медицински трошоци кои се покриени со приватното здравствено
осигурување лани е повеќе од двојно зголемен (3,5 мил.евра) во споредба со
претходната 2021 година.
Очекувано, најголем износ на штети се исплатени кај најмасовната и со закон
задолжителна класа на осигурување од автомобилска одговорност (АО).
Исплатени се над 27.000 штети од сообраќајни незгоди и несреќи во земјава во
вредност од 1,75 милијарди денари (28 мил.евра). По основ на осигурување
покриено со зелена карта се исплатени 1.205 штети вредни 418 милиони денари
(6,8 мил.евра).
Најголема вредност на исплатените штети од сите доброволни осигурувања,
очекувано, има кај осигурувањето имот. Лани се исплатени вкупно 766 милиони
денари (12,45 мил.евра) или 8 отсто повеќе од претходната споредбена година.
При тоа физичките лица лани наплатиле осигурани штети вредни 262 милиони
денари (4,3 мил.евра), а компаниите, институциите и други правни лица
наплатиле 504 милиони денари (8,2 мил.евра). Кај физичките лица износот на
исплатени штети е намален за 17 отсто, а кај правните лица е зголемен за 29
отсто.
Од другите осигурителни класи според износите на исплатени штети уште се
истакнуваат: каско осигурувањето на моторни возила со 545 милиони денари (8,8
мил.евра), осигурувањата од незгода со 347,2 милиони денари (5,6 мил.евра) и
патничкото осигурување по кое осигуреници наплатија 62,1 милиони денари (1
мил.евра).
Во вкупниот износ на исплатени штети лани „Триглав осигурување“ учествува со
14,5 отсто, „Кроација осигурување – неживот“ со 11 отсто, „Халк осигурување“ со
10,8 отсто, „Сава осигурување“ со 10,5 отсто, „Уника“ со 9,3 отсто, „Македонија
осигурување ВИГ“ и „Евроинс осигурување„ со по 9,2 отсто. Следуваат „Еуролинк“
со 8,5 отсто, „Винер ВИГ“ со 8,3 отсто, „Осигурителна полиса“ со 6 отсто и “Граве
со 2,7 отсто.
Што се однесува до работењето на друштвата за неживотно осигурување, врз
основа на нивните неревидирани извештаи, профитабилноста е значително
подобрена во 2022 година во споредба со 2021 година. Десет од вкупно 11
друштва годината ја завршиле со добивка (пред оданочување). Дури осум
компании кои работеле со добивка лани имаат подобар финансиски резултат во
споредба со 2021 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело
кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на
осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците
и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.