НБО и АСО: Бегалците од Украина ослободени од плаќање гранично осигурување
Националното биро за осигурување (НБО) од својот гарантен фонд ќе ги покрие сите евентуални штети од украински возила што превезуваат бегалци до 30 јуни годинава. Одлуката ја донесоа со консензус сите 11 компании за неживотно осигурување
Сите лица со статус на бегалци од Украина на влез во нашата земја ќе бидат ослободени од плаќање на гранично осигурување. Оваа одлука ја донесе Националното биро за осигурување (НБО) во координација со Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) на иницијатива добиена од Владата.
– Со оглед на актуелната бегалска криза предизвикана од воениот конфликт во Украина и појавата на бегалци на нашата граница се создаде неопходна потребна од изнаоѓање општоприфатливо и системски засновано решение за прием на возила со бегалци кои немаат зелена карта и не се во можност да купат гранично осигурување. Успеавме да обезбедиме издржано решение во рамки на можностите и согласно со надлежностите и условите. Во оваа ситуација за посебно истакнување е хуманиот пристап, ажурноста и ангажманот на сите 11 друштва за осигурување. Искрено веруваме и се надеваме дека разумот ќе надвладее, а мирот ќе завладее и лицата со статус бегалци набрзо ќе се вратат во својата земја, истакна д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО.
Одлуката на НБО важи за сите возила со украински регистарски таблички кои превезуваат лица со статус на бегалци од Украина без разлика дали возилата ќе транзитираат низ македонска територија или ќе останат во нашата земја. Одлуката на НБО ќе важи до 30 јуни годинава.
При носењето на одлуката НБО, во координација со АСО, се водеше од универзалните начела за солидарност и пружање помош за бегалци од воени подрачја.
-Ова е наш придонес со кој им посакуваме добродојде на лицата од Украина со статус на бегалци. Со овој чекор веруваме дека макар и малку ќе придонесеме за олеснување на нивната моментална положба. Сите членки на НБО покажаа исклучително силна солидарност и единство во барањето и наоѓање на решение со кое требаше заеднички да придонесеме во ублажување на тешката состојба во која се наоѓаат овие лица со статус на бегалци , потенцираше Трајче Латиновски, директор на НБО.
Оваа одлука беше донесена со консензус на сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување кои работат на македонскиот пазар за осигурување. Одлуката на Управниот одбор на НБО ја поддржаа: „Триглав Осигурување“, „Евроинс Осигурување“, „Сава Осигурување“, „Кроација осигурување – неживот“, АДОР „Македонија ВИГ“, „Осигурителна полиса“, „Винер ВИГ“, „Еуролинк“, „Граве неживот“, „Уника“ и „Халк осигурување“.
Управниот одбор на НБО одлучи од својот Гарантен фонд да ги надомести сите евентуални штети во сообраќајот што би ги предизвикале тие возила во земјава.
Со оваа одлука осигурителните компании, НБО и АСО приклучувајќи се на иницијативата од Владата, во рамки на надлежностите и можностите, дадоа свој придонес за ублажување на состојбата на лицата бегалци од Украина.
Комитет за финансиска стабилност: Осигурителниот пазар порасна 15%, финансиската и стабилноста на курсот на денарот успешно се одржуваат
Скопје, 9 март 2022
Осигурителниот пазар во 2021 година порасна за 15%, а развојот на настаните во Украина не се одразуваат неповолно врз осигурителниот пазар. Затоа што во поглед на управувањето со ризиците, ниту на страната на обврските, ниту на страната на средствата не сме изложени директно на ризици од Украина, потенцираше д-р Крсте Шајноски, претседател на Советот на експерти на АСО на редовната седница на Комитетот за финансиска стабилност на кој учествуваа високи претставници на регулаторните тела од финансискиот систем ина Министерството за финансии.
„Тоа што е уште побитно е што друштвата за осигурување располагаат со капитал којшто е повисок за четирипати од потребниот износ на маргината на солвентност, што ја потврдува високата солвентност на пазарните субјекти. Конзервативните политики и регулативата за вреднување на техничките резерви и вложувањата на средствата, како и високиот квалитет на инструментите коишто се вклучени во пресметката на капиталот на друштвата за осигурување, се добра основа и гаранција за зачувувањето на солвентноста. Растот на бруто полисираната премија предизвика раст и на расходната страна, односно раст на исплатите на штетите и на оперативните трошоци. Ова придонесува за влошување на финансиските остварувања. Развојот на настаните во Украина не се одразуваат неповолно врз осигурителниот пазар, затоа што во поглед на управувањето со ризиците, ниту на страната на обврските, ниту на страната на средствата не сме изложени директно на ризици од Украина“, посочува Шајноски.
Гарантирана е стабилноста на курсот на денарот. Финансискиот систем исто така е стабилен и е подготвен да им одговори на предизвиците што би можеле да произлезат од руско-украинскиот конфликт, исто како што и во целиот пандемичен период успешно се справува со ризиците. Сите финансиски услуги непречено се обезбедуваат и ќе се обезбедуваат и натаму, во согласност со потребите на граѓаните и на корпоративниот сектор. Надлежните регулатори координирано ги следат состојбите и се подготвени брзо да делуваат, да ги приспособуваат политиките во согласност со случувањата и да ја одржат финансиската стабилност, којашто е приоритет.
Ова се дел од констатациите од денешната седница на Комитетот за финансиска стабилност, на којашто се разгледаа најновите движења во финансискиот сектор во контекст на актуелните геополитички случувања, поврзани со воениот конфликт во Украина. Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
На седницата беше посочено дека од самиот почеток на руско-украинскиот конфликт, состојбите внимателно се следат и постојано се оценуваат. Бидејќи се работи за неекономски шок, чијшто иден развој тешко може да се предвиди, прерано е да се извлечат заклучоци за долгорочните влијанија врз домашната економија. Сепак, она што е извесно е дека досега нема поизразени директни влијанија врз домашниот финансиски сектор и не се ни очекуваат, што се должи на многу слабите финансиски врски со Русија и Украина. Дополнителен фактор е отсуството на капитал од овие две земји во домашниот банкарски сектор. Ова е важна предност во овие околности, особено ако се земат предвид предизвиците со кои се соочија некои од соседните земји во кои беа присутни руски банки.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека девизните резерви се на високо ниво, што ја гарантира стабилноста на денарот, додека домашниот банкарски сектор е сигурен, ликвиден и соодветно капитализиран, подготвен за справување со евентуалните шокови.
„За време на корона-кризата банкарскиот сектор покажа дека умее да ги ублажува ризиците, дури и кога тие се нови и дотогаш невидени, како по размер, така и по карактеристики. Банкарскиот сектор покажа дека е способен да ја поддржи економијата и во сложени услови и да им одговори на барањата на граѓаните и на корпоративниот сектор. Според сите показатели, ваквите капацитети се задржани и дополнително се зајакнати во овој период.“ ‒ посочи гувернерката Ангеловска-Бежоска.
Таа додаде дека потврда за соодветните политики е и одлуката на ЕК, со која се оценува дека банкарската регулатива и супервизијата коишто ги спроведува Народната банка се во согласност со стандардите на ЕУ, што го исполнуваат само уште 26 земји во светот.
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, посочи дека изминатите светски економски кризи – глобалната финансиска криза и економската криза предизвикана од пандемијата, не научија дека здравиот финансиски систем може да абсорбира дел од надворешните шокови. Оттаму е важна добрата координација помеѓу финансиските регулатори, во насока на будно следење на состојбите и преземање соодветни мерки и политики.
„Фискалната политика ќе биде поставена така, да преку соодветни мерки и политики се амортизираат ударите кои ќе доаѓаат однадвор за домашната економија и за стандардот на граѓаните. Тие ќе дојдат преку европската економија и главно ќе се одразат врз потрошувачката, преку ценовните притисоци од увезените примарни производи. Преку фискалната политика ќе се заложиме за граѓаните и стопанството да ги амортизираме тие притисоци. Веќе е изготвен сет на антикризни мерки, кој Владата набрзо ќе го презентира“, истакна Бесими.
Осврнувајќи се на состојбите на македонскиот пазар на капитал по ескалацијата на руско-украинскиот конфликт и предизвиците коишто се наметнаа, претседателката на КХВ, Нора Алити, нагласи дека тие имаа првично негативен одраз врз тргувањето на берзата, придружен со еднократен пад од 8,39% на МБИ 10 на берзанскиот ден кога започнаа воените дејствија, сѐ до нормализираното и вообичаено тргување, без драматичен предзнак. Кај нето-вредноста на отворените инвестициски фондови, заклучно со февруари, се забележува намалување од 2,4% во однос на јануари. Приливите се стабилни, додека одливите се благо зголемени (7,34%). Ваквите показатели за фондовите влегуваат во стандардните динамики и нема позначителни отстапувања од нивната кондиција. Имајќи предвид дека вредноста на вложувањата во хартии од вредност од руски компании изнесува околу 1,5 милиони евра, или 0,76% во вкупната нето-вредност на сите отворени инвестициски фондови, очекувана е и таква пропорција на неповолно влијание, посочи претседателката на КХВ.
Претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али, истакна дека за време на здравствено-енергетската криза и актуелните геополитички случувања, капитално финансираното пензиско осигурување делува стабилно и транспарентно со идентификувани ризици коишто се анализираат и се контролираат на редовна основа и во рамките на регулативата, со посебно внимание на инвестирањето на средствата на пензиските фондови. Како резултат на новонастанатата состојба, МАПАС внимателно го следи и реагирањето на пензиските друштва во однос на нивните инвестициски стратегии и тактики за остварување највисок принос, единствено во полза на членовите на пензиските фондови.
На седницата беше истакнато дека сите финансиски регулатори ќе продолжат со координирано следење на состојбите и навремена размена на сите релевантни информации и дека се подготвени да реагираат соодветно на случувањата, секој во рамките на надлежностите на својот мандат. Се заклучи дека сите регулатори на финансискиот систем имаат доволен опсег на инструменти што може да ги користат доколку е неопходно, со што се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана и во следниот период.
Над 180.000 граѓани вложиле во приватно здравствено осигурување
Повеќе од 23.000 осигуреници лани искористиле приватно здравствено осигурување за покривање трошоци од прегледи, интервенции, лекување и други медицински услуги. Девет осигурителни компании исплатиле 3,4 милиони евра за медицински трошоци покриени со приватно здравствено осигурување
Бројот на граѓани кои имаат приватно здравствено осигурување лани се зголемил за 60 отсто и надмина 182.000 осигурени лица. Приватното здравствено осигурување останува најбрзо растечки осигурителен производ од појавата на здравствената пандемија до сега. Лани се склучени повеќе од 18.000 договори за приватно здравствено осигурување со што бројот на активни договори за оваа осигурителна класа надмина 62.000, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Во приватно здравствено осигурување вложуваат граѓани лично, но и компании кои плаќаат осигурување за нивните вработени да можат да користат спектар од медицински услуги на приватните болници во земјава.
Оваа осигурителна класа овозможува осигурителните компании да покриваат трошоци за прегледи, третмани, интервенции и различни медицински услуги кои ги нудат приватните болници во земјава. За покривање на такви трошоци во приватното здравство 10 осигурителни компании за неживотно осигурување лани од осигуреници наплатиле вкупно 405 милиони денари (6,6 мил.евра). Минатата година вложувањата во приватно здравствено осигурување пораснале за 48 отсто (2,1 мил.евра) во споредба со 2020 година.
Осигурителните компании лани исплатиле над 23.000 штети т.е. барања за покривање на трошоци на осигурени граѓани за медицински услуги покриени со приватното здравствено осигурување. Бројот на барања за покривање на трошоци покриени со приватно здравствено осигурување лани е удвоен во споредба со 2020 година. Девет осигурителни компании за неживотно осигурување лани исплатиле над 211 милиони денари (3,4 мил.евра) трошоци за медицински услуги покриени со полисите за приватно здравствено осигурување. Износот на исплатени средства за покривање медицински трошоци лани е удвоен во однос на 2020 година.
Девет компании за осигурување неживот лани исплаќале штети за здравствено осигурување и тие се: „Кроација осигурување – неживот“, „Триглав Осигурување“, „Еуролинк“, „Еуроинс осигурување“, АДОР „Македонија осигурување ВИГ“, „Сава осигурување“, „Уника“ „Халк Осигурување“ и „Винер ВИГ“ . Најголемата исплатена штета за активирано здравствено осигурување, поединечно по компанија, се движи во распон од 277.000 денари до 615.000 денари (од 4.500 евра до 10.000 евра).
Приватното здравствено осигурување е осигурителен производ што нуди поквалитетна здравствена заштита за осигуреникот затоа што овозможува прегледи, лекувања, интервенции и други здравствени услуги во приватно здравство.
Дополнително оваа осигурителна класа индиректно го намалува притисокот и врз јавните здравствени установи така што овие осигуреници имаат покритие да користат услуги од приватните болници. При тоа медицинските услуги се финансираат од осигурителните компании, а не од државниот буџет.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
(ВО ЖИВО) Линк од полагање испит за осигурителни брокери 25.2.2022 година
(ВО ЖИВО) Линк од полагање испит за осигурителни брокери 25.2.2022 година
Осигурувањето неживот порасна 16%, осигурениците вложија 156 милиони евра
Граѓани, компании и институции лани склучија речиси 1,5 милиони договори за неживотно осигурување, што е за 30 отсто повеќе од 2020 година. Раст на вложувања во осигурување има кај 15 осигурителни класи, а најзначајни за истакнување се зголемената побарувачка за патничко осигурување, осигурување имот, приватно здравствено осигурување
Пазарот за неживотно осигурување лани порасна за 16 отсто во споредба со 2020 година. Осигуреници вложија 9,6 милијарди денари (156,5 мил.евра) во сите 18 класи на неживотни осигурувања. Тоа е за 1,3 милијарди денари (21 мил.евра) повеќе во споредба со 2020 година. Граѓани, фирми, здруженија и инстиуции лани склучиле речиси 1,5 милиони договори за осигурување. Тоа е за 30 отсто повеќе во споредба со 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
Вложувањата во осигигурување неживот лани се поголеми и во однос на 2019 година што укажува на тоа дека осигурителната индустрија во целост закрепна од негативните влијанија и бројните ограничувања предизвикани од здравствената пандемија во 2020 година.
Во осигурување имот, најголема доброволна класа на осигурување, лани граѓани и правни лица вложиле вкупно 2,17 милијарди денари (35,2 мил.евра). Тоа е за 16,5 отсто односно над 300 милиони денари (5 мил.евра) повеќе во однос на претходната година. Дури за 34 отсто повеќе од 2020 година во осигурување имот вложиле физички лица односно вкупно 679 милиони денари (11 мил.евра). Корпоративниот сектор своите вложувања во осигурување имот лани ги зголемил за 10 отсто и тие достигнале 1,5 милијарди денари (24,2 мил.евра).
Очекувано најголем раст лани има кај патничкото осигурување. Вложувањата во овој осигурителен продукт достигнаа 148 милиони денари (2,4 мил.евра). Тоа е за 94 отсто повеќе од 2020 година во која речиси сите патувања беа сведени на нула поголем дел од годината заради глобалната здравстена пандемија предизвикана од вирусот COVID – 19.
Интензивен раст на вложувањата е карактеристичен и за приватното здравствено осигурување – најбрзорастечкиот осигурителен производ од почетокот на здравствената криза до сега. Во оваа класа осигурување граѓани, фирми и институции вкупно вложија 405 милиони денари (6,6 мил.евра) , што е за 48 отсто повеќе од пандемиската 2020 година.
Со умерен раст се карактеризираат и вложувањата во каско осигурување на моторни возила. Вкупно во таа класа лани се вложени 890 милиони денари (14,5 мил.евра) што е за 8 отсто повеќе од претходната година.
Кај најголемата осигурителна класа – автомобилското осигурување, кое е задолжително со закон, лани продажбата на полиси достигнала 4,8 милијарди денари (78,6 мил.евра). Тоа е за 17 отсто повеќе од 2020 година.
Значајно за истакнување е тоа што сите 11 компании за неживотно осигурување бележат раст на продажбата на осигурителни полиси што укажува на јакнење на пазарната конкуренција во секторот неживотно осигурување.
Кај „Триглав осигурување“, АДОР „Македонија“ ВИГ и „Осигурителна полиса“ бруто полисираните премии пораснале до 10 отсто во однос на 2020 година. Кај “Граве неживот“, „Винер ВИГ“ „Евроинс осигурување“, „Еуролинк “ и „Сава осигурување“ премиите растеле меѓу 10 и 20 отсто. Бруто премиите на „Халк Осигурување“ и „Уника“ лани пораснале над 20 отсто, а на „Кроација осигурување – неживот“ се зголемиле за повеќе од 40 отсто во споредба со 2020 година.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
(ВО ЖИВО) : Линк од полагање испит за застапници во осигурување на 24.2.2022 година
(ВО ЖИВО) : Линк од полагање испит за застапници во осигурување на 24.2.2022 година
Осигуреници наплатија 66 милиони евра, исплатени 80.000 штети
Кај најголемата доброволна класа – осигурувањето имот исплатените штети пораснале за 13% и достигнале 11,5 милиони евра. Кај приватното здравствено осигурување износот за исплатени штети лани е удвоен во однос на 2020 година. Импозантни растови на исплатени штети има кај малку застапените класи: карго осигурувањето, осигурени кредити и осигурени финансиски загуби. Сите 11 друштва за неживотно осигурување платиле над 4 милијарди денари за штети покриени со осигурување лани и тоа е за 14 % повеќе од 2020 година.
Граѓани, фирми, здруженија и државни институции наплатија над 4 милијарди денари (66,2 милиони евра) од осигурителните компании за настаните штети покриени со неживотно осигурување во 2021 година. Вкупниот износ на исплатени штети (бруто исплатени штети БИШ) минатата година е повисок за 14 отсто (8,2 мил. евра) во споредба со 2020 година. Лани се исплатени речиси 80.000 пријавени штети, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.
За пријавени штети врз осигуран имот осигуреници лани наплатиле 13 отсто повеќе од 2020 година. Сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување за штети врз осигуран имот лани исплатиле 710 милиони денари (11,5 мил. евра). Друштвата за осигурување лани исплатиле речиси 9.000 оштетни побарувања на своите осигуреници. За осигуран имот на физички лица се исплатени вкупно 316 милиони денари (над 5 мил. евра), а на правни лица 394 милиони денари (6,4 мил.евра).
Кај најбрзорастечката класа – приватно здравствено осигурување, исплатата на штети го следи растот на продажба на осигурителни полиси. За минатата година девет осигурителни компании исплатиле 211 милиони денари (3,4 мил.евра). Тоа е двојно повеќе од износот на штети што го исплатиле во претходната 2020 година во која поради здравствената пандемија и почна да расте популарноста на оваа доброволна осигурителна класа.
Кај осигурувањето од незгода ( најмасовна класа на доброволно осигурување кое покрива речиси 700.000 осигуреници) лани се исплатени штети во вкупна вредност од 434 милиони денари (7мил.евра). А тоа е за 8 отсто повеќе од претходната година.
За штети врз каско осигурани возила осигуреници наплатиле 507 милиони денари (8,2 мил.евра) или 4 отсто повеќе од 2020 година.
Од помалку застапените класи на доброволно неживотно осигурување импозантни растови на исплатени штети бележат три осигурителни класи. Исплатените штети за карго осигурување се зголемени за 7 пати во односн на 2020 година), а речиси е удвоен износот на исплати за осигурани штети од финансиски загуби. Кај осигурувањето кредити се исплатени 3,75 милиони денари (61.000 евра) додека во 2020 година немало исплати.
Патничкото осигурување е единствената класа во која лани износот на вкупно исплатени штети е понизок во однос на 2020 година. Сите 11 осигурителни друштва исплатиле 40 милиони денари (0,65 мил.евра) што е за 15 отсто помалку од 2020 година.
Во најголемата класа – осигурување од автомобилска одговорност 11 компании лани исплатиле 2,1 милијарди денари (34,2 мил.евра) за речиси 30.000 пријавени штети. Износот на исплатени штети лани е за 12 отсто повисок од претходната година.
Во вкупниот износ на исплатени штети лани АДОР „Македонија“и „Еуролинк“ учествуваат со по 362 милиони денари (6 мил.евра), „Триглав“ со 570 милиони денари (9,2 мил.евра), „Сава“ со 463 милиони денари (7,5 мил.евра), „Евроинс“ со 396 милиони денари (6,4 мил.евра), а „Винер“ со 341 милиони денари (5,5 мил.евра). „Граве Неживот“ лани исплатила 142 милиони денари (2,3 мил.евра), „Уника“ платила 408 милиони денари (6,6 мил.евра), „Осигурителна полиса“ 261 милиони денари (4,2 мил.евра), „Халк Осигурување“ исплатиле 512 милиони денари (8,3 мил.евра), а „Кроација Осигурување – неживот“ 250 милиони денари (4,1 мил.евра).
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.