Награден труд
Име и презиме на наградениот млад истражувач: Филип Пеовски
Наслов на трудот
Предвидување на осигурителните премии и штети во Северна Македонија: Постапка на експоненцијално израмнување
FORECASTING INSURANCE PREMIUMS AND CLAIMS IN NORTH MACEDONIA: AN EXPONENTIAL SMOOTHING PROCEDURE
Што мора да ви покаже продавачот пред да купите „Јунит Линкд“ осигурување живот?
Животното осигурување кај кое парите се вложуваат во удели на инвестициски фондови („Јунит Линкд“ осигурување) е висококвалитетен производ со голем потенцијал за оплодување на инвестицијата. Но тој истовремено содржи и ризик од загуба на вложените средства затоа што вредноста на вложеното зависи од цените на уделите кои се формираат на берзите. Токму заради ова АСО ги задолжи осигурителните компании квалитетно да ги информираат осигурениците за ризикот од загуба на вложените средства. Со новиот правилник на АСО, кој стапи на сила овој месец, продавачите на „Јунит Линкд“ осигурување имаат обврска на секој потенцијален осигуреник да му дадат на увид ниво на ризик од загуба на вложеното на скала од 1 до 7. Исто како што имаат обврска пред продажбата на „Јунит Линкд“ осигурување на осигуреникот да му дадат детален приказ на структура на сите трошоци на вложување кои ќе треба да ги плати. Осигуреникот има право да добие на увид податоци за очекуван просечен месечен раст на вредноста на вложеното за период од пет години во иднина. Ова се дел од новините кои произлегуваат од новиот правилникот со кој АСО значајно ја зголеми транспарентноста при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување живот
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги задолжи сите осигурителни компании кои продаваат „Јунит Линкд“ осигурување живот на секој потенцијален осигуреник да му достават документ со клучни информации врз основа на кој ќе одлучи дали да вложи во овој осигурителен производ.
Станува збор за унифициран документ кој содржи информации за нивото на ризик од можна загуба на вложени средства како и за очекуваната добивка од вложеното. Осигуреникот ќе биде информиран и за условите и последиците од предвремено раскинување на договорот за вложување. Исто така продавачот ќе ги прикаже и сите еднократни, периодични, повторливи, повремени и непредвидени трошоци што треба да ги плати осигуреникот.
Воедно продавачот на осигурувањето ќе биде обврзан и да го информира осигуреникот и за правото да поднесе претставка односно приговор до АСО. Ова се клучните новини кои ги содржи новиот правилник што го донесе АСО со цел да ја зголеми транспарентноста при вложувања во јунит линкд осигурување живот.
„Јунит Линкд“ е релативно нова класа на осигурување живот кај која дел од вложените пари се инвестираат во удели на инвестициски фондови. Тоа се вложувања со висок квалитет, но факт е дека цените на уделите се променливи и зависат од движењата на глобалните берзи. Токму заради тоа и ризикот од вложувањето на средствата паѓа на товар на осигуреникот.
Токму волатилноста на пазарите на капитал остава простор од ризик осигуреник да загуби дел од уплатените средства при вложување во „Јунит Линкд“ осигурување исто како што постои реална можност за солидно оплодување на вложените средства.
Официјалните податоци на АСО покажуваат дека само во минатата година биле раскинати 941 договор за „Јунит Линкд“ осигурување живот во период кога вкупно биле склучени 2.726 договори. Дополнително на ова бројот на раскинати договори лани достигна 9 отсто од вкупниот број на активни договори во оваа осигурителна класа кој изнесува 10.628.
Следејќи ја будно оваа состојба Советот на експерти на АСО одлучи да усвои подзаконски акт што значајно ќе ја зголеми транспарентноста за овој осигурителен производ.
Тоа во голема мерка ќе им помогне на сите потенцијални инвеститори при носењето на одлуките за вложување во јунит линкд да го проценат потенцијалниот ризик од ова вложување.
Освен горенаведените клучни новини како мерки за подобро информирање на осигурениците новиот правилник предвидува продавачот да истакне дали вложувањата се во денари или во странска валута. Од причина што оваа информација може да влијае врз вредноста на вложувањето преку можни промени на девизниот курс на денарот.
„Јунит Линкд“ е интернационален термин глобално прифатен и користен за овој вид осигурување живот. „Јунит Линкд“ значи дека вредноста на вложените средства директно зависи од вложувањата во удели на отворени или затворени инвестициски фондови.
Вложувањата во животното осигурување во кое ризикот од инвестирањето е на товар на осигуреникот (популарно наречениот „Јунит Линкд“) лани достигнале 383,2 милиони денари (над 6 мил.евра). Тоа е за 27 отсто повеќе од 2020 година.
Правилникот што ја регулира оваа материја е достапен на следниот линк https://aso.mk/wp-content/uploads/2022/05/pravilnik-udeli-vo-investicziski-fondovi-sl-vesnik-109-2022-2.pdf
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.
Скопјани пријавија 349 осигурани штети од силното невреме, имотот на „Ист Гејт Мол“ осигуран со франшиза од 100.000 евра
Граѓани и фирми од Скопје пријавиле осигурани штети во сите 11 осигурителни компании. Активно осигурување имот имаат речиси 51.000 скопјани, а 215 од нив пријавиле штети во силното невреме што на крај на август го зафати централното градско подрачје. Од сите 349 штети во една осигурителна компанија се пријавени дури 117
Осигуреници од скопскиот регион пријавија вкупно 349 штети врз имот во сите осигурителни компании по силното невреме што го зафати Скопје на 30 август годинава. Од сите пријавени штети поголем број, односно 215, се врз имот осигуран од физички лица.
Компании и други правни лица со седиште во Скопје пријавиле 134 штети врз имотот како последица од незапамтеното силно невреме во главниот град, покажуваат податоците кои Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги обезбеди од сите 11 компании за неживотно осигурување.
Најголемиот број на пријавени штети врз осигуран имот во една компанија изнесува 117 од кои 97 се штети врз имот на физички лица.
Заклучно со крајот на август годинава има 67.420 активни договори за осигурување имот на територијата на градот Скопје кои со осигурителните компании ги склучиле граѓани и компании.
Трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, чии објекти претпреа значајна јавно видлива штета, го осигурал имотот кај една од компаниите и договорот е склучен со франшиза (самопридржај) од 100.000 евра. Франшизата значи дека двете страни се согласни осигурителната компанија да покрие само штети поголеми од 100.000 евра, а осигуреникот сам да покрие штета доколку нејзината вредност е пониска или иста со износот утврден со франшизата.
Воедно овој трговски центар има осигурување и од професионална одговорност, а полиси за осигурување имот имаат и одреден број закупци на деловни единици, информираа од осигурителните компании.
Зошто е важно да се осигура имотот, што опфаќа и на што треба да се внимава?
Осигурувањето на имотот нуди можност за мал износ вложени средства (т.н. премија) што ги плаќа сопственикот на имот, осигурителната компанија да го превземе ризикот и да исплати штета врз имотот доколку се случи штетен настан осигуран и дефиниран во договорот за осигурување.
При склучување на договорот за осигурување, треба да се внимава осигурената сума да биде соодветна на вредноста на осигурениот имот. Доколку настане штета, а ризикот е осигуран друштвото за осигурување има обврска да исплати надомест во висина на претрпената штета.
Имотот на домаќинствата и правните субјекти најчесто е изложен на ризици од: пожари, поплави, земјотреси, удари од гром, луња (многу силен ветар) експлозии, кражби, излевања од водоводна, канализациска и топлинска мрежа и други можни оштетувања на имот.
Сите информации за осигурување имот се содржани во документот со назив Услови за осигурување имот кој секоја компанија за осигурување е должна да му го даде на секој осигуреник.
АСО особено препорачува сите осигуреници, пред да купат полиса за осигурување, со внимание да ги прочитаат Исклучоците од осигурувањето кои ги дефинираат ризиците не се покриени и за нив не следува обештетување.
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.