Седница одржана на 29.05.2020
- Решение за издавање на согласност Друштвото за ревизорски услуги ПРАЈВОТЕРХАУСКУПЕРС РЕВИЗИЈА ДОО Скопје да врши ревизија на финансиските извештаи на Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје за 2020 година
Седница одржана на 14.05.2020
- Решение за издавање на согласност за вршење на функцијата член на Управен одбор на Друштвото за животно осигурување УНИКА ЛАЈФ АД Скопје, за лицето Александра Шкемби Антовска;
- Одлука за уплата на парични средства од Агенцијата за супервизија на осигурување на Фондот за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од Коронавирусот COVID-19
Седница одржана на 29.04.2020
- Решение за именување на членови на Комисијата за избор на најдобар истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија за 2020 година
- Одлука за спроведување на Конкурс за годишна награда за млад истражувач за најдобар труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија за 2020 година
- Решение со кое се дава согласност Друштвото за ревизија МУР СТИВЕНС ДОО Скопје, да врши ревизија на финансиските извештаи на Националната групација за осигурување АД ОСИГУРИТЕЛНА ПОЛИСА Скопје за 2020 година
- Решение со кое се одзема лиценца за застапник во осигурување бр. УП 19-3-101 од 04.02.2019 година на лицето Емил Мисев
- Решение со кое се одзема лиценца за застапник во осигурување бр. УП 19-3-643 од 17.07.2019 година на лицето Божана Пешевска
Седница одржана на 21.04.2020
- Решение за издавање дозвола за воведување на класа два (2) во работењето на КРОАЦИА НЕЖИВОТ
- Решение за издавање согласност измена на статут на КРОАЦИА НЕЖИВОТ.
Седница одржана на 17.03.2020
- Решение за издавање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување во ДО УНИКА АД Скопје за лицето Билјана Стојанов,
- Решение за издавање согласност за вршење на функцијата член на орган на управување во ДО УНИКА АД Скопје за лицето Борче Богески,
- Тарифник за изменување и дополнување на Тарифникот за содржината и висината на надоместоците и давачките што ги наплатува Агенцијата за супервизија на осигурување и роковите за уплата,
- Решение за издавање на согласност за стекнување на квалификувано учество во Осигурителното брокерско друштво БРОЛИНС АД Скопје,
- Решение за одземање на лиценцата за застапник во осигурување на лицето Марјан Христовски,
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Друштвото за животно осигурување УНИКА ЛАЈФ АД Скопје,
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Осигурително брокерското друштво и поведување прекршочна постапка против С.Т.М. Брокер Плус АД Скопје,
- Одлука за поведување на прекршочна постапка против Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје,
- Одлука за поведување на прекршочна постапка против Граве Осигурување Неживот АД Скопје,
- Одлука за изрекување мерки на супервизија кон Акционерско друштво за осигурување ВИНЕР Лајф – Виена Иншуренс Груп Скопје,
- Одлука за поведување на прекршочна постапка против Друштвото за осигурување ХАЛК ОСИГУРУВАЊЕ АД Скопје и одговорното лице во друштвото за осигурување
- Информации на Агенцијата за супервизија на осигурување во врска со потребата од преземање дополнителни мерки и активности за превенција од ширење на болеста COVID 19 (корона вирус).
КОНКУРС ЗА ГОДИШНА НАГРАДА ЗА МЛАДИ ИСТРАЖУВАЧИ ЗА НАЈДОБАР ТРУД ОД ОБЛАСТА НА УПРАВУВАЊЕ СО РИЗИЦИ И ОСИГУРУВАЊЕ
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла и изработка на трудови од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија, како и афирмација на млади и стручни кадри, Агенцијата за супервизија на осигурување доделува годишна награда за 2020 година за истражувачки труд од областа на управување со ризици и осигурување во Република Северна Македонија.
Годишната награда на Агенцијата за супервизија на осигурување изнесува 80.000 денари.
Трудот задолжително треба да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема. Трудот не смее да надминува 15.000 зборови (без апстракт, библиографија и анекси) и препорачливо е да има стандардна структура на научно истражување кое ги содржи следните основни делови:
- апстракт;
- осврт на консултираната современа странска и домашна, научна и експертска литература од областа која се истражува;
- опис на научно истражувачката методологија која се користи во трудот;
- анализа;
- заклучни согледувања и
- библиографија.
Право за учество на конкурсот имаат државјани на Република Северна Македонија до триесет и петгодишна возраст, односно до денот на доделувањето на наградата на 01.11.2020 година, учесниците не треба да имаат наполнети триесет и шест години. Учесниците кои имаат стекнато титула доктор на науки до денот на поднесувањето на трудот немаат право на учество на конкурсот.
Трудовите се поднесуваат на македонски, албански или англиски јазик.
Повеќе (линк)
Осигурителниот систем продолжува да функционира стабилно, финансискиот систем е подготвен да се справи со корона-кризата
Финансискиот систем е подготвен да се справи со корона-кризата. Прудентната регулатива на финансиските регулатори, во голем дел усогласена со европските регулативи, придонесе системот да е во кондиција со којашто може да се справи со шокот предизвикан од пандемијата на ковид-19.
Ова се дел од констатациите на последната седница на Комитетот за финансиска стабилност, во која учествуваше и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), Крсте Шајноски.
Со седницата претседаваше гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, а учествуваа и министерката за финансии, Нина Ангеловска, претседателката на Комисијата за хартии од вредност (КХВ), Нора Алити и претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), Максуд Али .
Во однос на стабилноста на осигурителнот сектор, Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски, нагласи дека продолжува да функционира стабилно, со идентификувани предности и ризици коишто треба да се следат со цел да се одржи овој тренд.
Тој посочи дека досега АСО донесе два пакети на мерки. Со првиот пакет, меѓу другото се наложи на осигурителните друштва да ги преземат сите можни мерки за одржување на нивниот капитал и солвентност во насока на целосна заштита на правата на осигурениците.
„Со донесените измени на три правилници и една одлука им се дава дополнителен регулаторен простор во работењето на друштвата за осигурување, што неминовно ќе има позитивен ефект и врз крајниот корисник на осигурувањето во однос на динамиката на плаќање на обврските по премии и навремената и реална исплата на штети. Со регулаторните измени, меѓу другото се овозможува друштвата за осигурување да обезбедат ликвидни средства за нормално функционирање и редовна исплата на штети.“ истакна Шајноски.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска најпрво се осврна на досега преземените мерки на Народната банка, коишто се однесуваат на банкарскиот систем, а кои имаат за цел одржување и натамошно зајакнување на неговата стабилност, но и создавање предуслови банките и покрај бројните предизвици со кои се соочуваат, да продолжат и понатаму да обезбедуваат неопходна кредитна поддршка за економијата.
Акцент беше ставен на регулаторните измени со коишто се овозможи поголема флексибилност за банките при реструктурирањето на кредитите со цел олеснување на финансискиот товар на кредитокорисниците. Исто така, беа посочени и мерките коишто имаат за цел ослободување на ликвидност на банките и нејзино насочување кон поддршка на економијата, преку намалениот износ на понудата на благајнички записи и можноста за ослободување на задолжителната резерва за реструктурираните и одобрените кредити на погодените сектори.
Беа објаснети и привремените олеснувања во однос на регулаторните известувања и супервизорскиот пристап за банките, со коишто им се овозможува поголема фокусираност на потребите на граѓаните и компаниите.
Како што посочи гувернерката, при носењето на секоја од мерките, од Народната банка се анализира нејзиното влијание како врз секоја банка одделно, така и врз банкарскиот систем во целина, со цел мерката истовремено да е во функција на поддршка на македонската економија и во функција на одржување на финансиската стабилност.
„Најновото стрес-тестирање покажува дека и кај банките одделно и кај банкарскиот систем во целина, од минатата година, отпорноста на шокови е зголемена. Системот е здрав и стабилен, со висока и стабилна ликвидност и солвентност.“, истакна Ангеловска-Бежоска.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, посочи дека за квалитетно справување со моменталната состојба, многу е важна координацијата помеѓу Народната банка и Министерството за финансии. Во делот мерки коишто го засегаат финансискиот систем, преземени се активностите кај финансиските друштва и лизинг компаниите, со воведување на мерка за намалување на ануитетите на корисниците на кредити до 70% од ануитетот. Оваа мерка е преземена со цел да се заштити нивната одржливост и понатамошно работење на пазарот, а со насока да се заштитат и корисниците на кредити. Mерките коишто се преземаат кај реалниот сектор се во насока на одржување и покачување на ликвидноста преку две линии бескаматни кредити, даночни ослободувања, мерки за финансиска поддршка, но и редовните активности – како брзо сервисирање на повратот на ДДВ кон фирмите.
„Повратот на ДДВ кон фирмите само за април изнесува 38 милиони евра, што е за 23% повеќе во однос на истиот месец лани. Повратот на ДДВ од почетокот на годината изнесува 145 милиони евра, што е за 16,7% повеќе во однос на истиот период лани. Брзиот поврат на ДДВ е од исклучителна важност за одржување на ликвидноста на фирмите, особено во овие услови на здравствено-економска криза. Исто така, кон зголемување на ликвидноста се дејствува и преку бескаматните кредити од линиите „Ковид 1“ и „Ковид 2“ на Развојната банка на Северна Македонија, во вкупен износ од 13,7 милиони евра, коишто се од големо значење бидејќи ги таргетираат микро, малите и средни претпријатија. Наскоро преку комерцијалните банки ќе биде пласирана линија евтини кредити во износ од 51 милион евра. Понатаму, тука е и мерката за одложено плаќање на аконтациите на данокот на добивка за фирмите и данокот на личен доход за самостојните вршители на дејност. Преку мерката за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен за април и мај, чиј износ се проценува на околу 100 милиони евра, покрај основната намена за исплата на плати и зачувување на работните места, таа претставува дополнителна голема ликвидносна инјекција во стопанството“, рече Ангеловска.
Претседателката на КХВ, Нора Алити се осврна на активностите коишто КХВ ги презеде со цел обезбедување на континуитет во функционирањето на пазарот на капитал и стабилизирање на цената на акциите на берзата. „Вкупниот промет реализиран на Македонската берза заклучно со 28 април изнесува околу 78 милиони евра. Споредбено со главните берзански индекси во регионот, главниот берзански индекс МБИ 10 има најнизок пад од 6.92%, во однос на вредноста на последниот ден на тргување во 2019 година.“, истакна Алити.
Таа посочи и дека во насока на поголема транспарентност, КХВ побара од котираните компании да делуваат согласно со префиксот „повеќе од“ чиста усогласеност и „повеќе од“ обелоденувањe, по што друштвата веќе почнаа освен навремените известувања, на СЕИ Нет да ги објавуваат и процените на менаџментот за влијанието на корона-кризата врз работењето на компанијата во првиот квартал, како и врз идното финансиско работење.
На седницата беше нагласено дека влијанието на пандемијата на ковид-19 врз светските финансиски пазари се очекува да има само краткорочни ефекти врз пензиските фондови, имајќи предвид дека тие се долгорочни инвеститори.
„Нашите пензиски фондови сѐ уште се во фаза на акумулација и се очекува нивно постепено опоравување и стабилизирање, што би довело до добри инвестициски резултати коишто ќе надоместат за остварувањата предизвикани од актуелните пазарни шокови.“ , кажа претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али.
Тој истакна дека над 95% од членовите на вториот пензиски столб се помлади од 50 години возраст и дека се очекува краткорочните неповолни влијанија од корона-кризата да бидат неутрализирани во натамошниот период. Како што нагласи Али, не се очекуваат значајни промени и движења во структурата на средствата на пензиските фондови, коишто би можеле значително да влијаат на финансиската стабилност.
На седницата беше констатирано дека со мерките коишто се преземаат и дополнително се гарантира дека финансиската стабилност ќе биде одржана. Сите финансиски регулатори изразија подготвеност и решеност и за натамошно координирано следење на состојбите, при што се подготвени секогаш кога ќе биде потребно да преземат и натамошни мерки и активности, во согласност со своите надлежности.
Нов пакет на мерки за друштвата за осигурување за олеснување на работата во вонредни услови
Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ослободи 30 милиони евра ликвидни сретства со цел друштвата за осигурување да можат да ги употребат за тековно работење во услови на вонредна состојба, кога се соочуваат со намалување на продажбата на осигурителни полиси. Со ослободување на 10 % од резервите, друштвата добиваат во денари 1.8 милијарди денари ликвидни сретства чија цел е да се зајакне поддршката на друштвата во сегментот на менаџирањето со негативните последици од појавата на корона вирусот (COVID 19).
Во исто време АСО дозволи исправка на побарувањата за дополнителни 60 дена. Целта на измената е да се амортизира ударот врз финансискиот резултат на друштвата за осигурување како резултат на очекувана намалена наплата на побарувањата по основ на премија за осигурување.
Со цел заштита на правата и интересите на осигурениците и квалитетно обработување на штетите во услови на работа во вонредна состојба и флексибилно работно уредување на друштвата за осигурување, АСО утврди дополнителен рок, пријавената штета друштвото да ја евидентира најдоцна во рок од 5 работни дена од денот на прием на барањето за надомест на штета. По решавање на штетата, друштвото е должно писмено да го извести подносителот на отштетното побарување за решената штета, при тоа наведувајќи: износ на надомест на штетата, можноста и рокот за доставување претставка и рокот за исплата на штетата кој не смее да биде подолг од 14 дена од денот на ликвидација на штетата.
Со цел обезбедување на стабилност на секторот на осигурување, но и заштита на осигурениците АСО донесе одлука, и покрај забавена ликвидација и пријава на штети во настанатата вонредна состојба, истата да не влијае врз проценките на техничките резерви.
Пандемијата и вонредната состојба во државата, како и во цел свет, значително се одразува врз секојдневието на луѓето, но и врз секојдневното работење на секторот за финансиски услуги и на реалната економија. И покрај тоа што, во моментов, интензитетот на последиците кој ќе го има епидемијата врз домашната економија не може со сигурност да се предвиди и процени, извесно е дека сите сегменти на секторот на финансиски услуги одреден период ќе биде соочени со потешкотии и притисоци во своето работење.
Агенцијата за супервизија на осигурување има цел да обезбеди олеснување и континуитет во работењето на осигурителниот сектор, истовремено штитејќи ги интересите и правата на осигурениците, јавниот интерес, како и обезбедувајќи ја стабилноста на осигурителниот сектор.
Агенцијата за супервизија на осигурување е во постојана интензивна комуникација со сите субјекти во осигурителниот сектор и постојано ја прати и проценува солвентноста и ликвидноста на секој поединечен субјект.
Во тој контекст би сакале да ја информираме јавноста дека Советот на експерти на Агенцијата на својата последна седница донесе нов пакет на мерки со цел да се обезбеди континуитетот на работењето на осигурителниот сектор.
Имајќи ја во предвид вонредната состојба во државата, како и потребата финансиските регулатори во овие моменти да покажат флексибилност и прилагодливост на супервизорските правила и стандарди, Агенцијата донесе една одлука и измена на три правилници.
Со донесените измени им се дава дополнителен регулаторен простор во работењето на друштвата за осигурување, што неминовно ќе има позитивен ефект и врз крајниот корисник на осигурувањето во сегменот на динамика на плаќање на обврските по премии, но и во сегментот на навремена и реална исплата на штети.
Поконкретно, измените се однесуваат на поголема флексибилност на друштвата за осигурување во нивното работење, а со тоа се овозможува намалување на тековниот товар на граѓаните и компаниите во справувањето со негативните притисоци од пандемијата.
Регулаторните измени се насочени кон привремено олеснување во:
- Правилникот за видови и карактеристики на средствата кои ги покриваат техничките резерви и средствата кои ја покриваат математичката резерва, како и детално пласирање и ограничување на тие вложувања и нивно вреднување, каде се дозволува до 31.12.2020 година 10% од средствата за покривање на техничките резерви да бидат недоспеаните побарувања и доспените побарувања до 30 дена. Имено со ослободувањето на 10 те % од резервите , АСО обезбедува зголемување на ликвидноста на осигурителните компании за 30 милиони евра.
- Правилникот за методот за вреднување на ставките од билансот на состојба и изготвување на деловните биланси, каде се дозволува до 31.12.2020 година исправката на побарување да се помести за дополнителни 60 дена. Целта на измената е да се амортизира ударот врз финансискиот резултат на друштвата за осигурување како резултат на намалената наплата на побарувањата по основ на премија за осигурување.
Имено со дополнителните 60 дена АСО обезбеди амортизирање на ударот врз билансите на осигурителните компании , со цел по истекот на вонредната состојба компаниите да породолжат нормално да функционираат.
- Правилникот за минимална содржина на евиденцијата и начинот на пријавување, резервирање и ликвидација на штети од страна на друштвата за осигурување, каде се дозволува се додека трае вонредната состојба евидентирање на пријавените штети да се помести на 5 дена.
Имено со оваа мерка АСО им овозможува на осигурителните компнии со оглед на вонредната состојба и новите организациони шеми да имаат дополнителен период, за обработка на штетите од што секако ќе имаат интерес осигурениците.
- Одлуката за начинот на проценка на резервите за штети на друштвата за осигурување и/или реосигурување за време на траење на вонредната состојба, каде се дефинира дека во проценките на техничките резерви за вториот и третиот квартал на 2020 година и покрај забавена ликвидација/ пријава на штети во настанатата вонредна состојба, да не влијае врз проценките на техничките резерви.
Целта на оваа измена е обезбедување на стабилност на секторот на осигурување, но и заштита на осигурениците, преку реално утврдување на резервите на друштвата.
Агенцијата за супервизија на осигурување интензиво ќе продолжи да го следи влијанието на пандемијата на коронавирус врз стабилноста и законитото делување на субјектите кои ги супервизира и е подготвена соодветно да ги приспособува политиките и навремено да реагира во согласност со своите надлежности за заштита на јавниот интерес и придонесување на стабилноста на секторот.
Седница одржана на 14.04.2020
1. Решение за издавање согласност за друштво за ревизија за 2020 година АД за осигурување ГРАВЕ Скопје,
2. Решение за издавање согласност за друштво за ревизија за 2020 година АД за осигурување ГРАВЕ НЕЖИВОТ Скопје,
3. Решение за давање согласност за измена на Статутот на Акционерското друштво за осигурување ВИНЕР – Виена Иншуренс Груп Скопје,
4. Одлука за ограничување на правото на исплата на паричен надомест, надоместоци за патни и други материјални трошоци,
5. Одлука за начинот на проценка на резервите за штети на друштвата за осигурување и/или реосигурување за време на траење на вонредната состојба,
6. Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за минимална содржина на евиденцијата и начинот на пријавување, резервирање и ликвидација на штети од страна на друштвата за осигурување,
7. Решение за изрекување на дополнителни мерки на супервизија кон Друштвото за осигурување Уника АД Скопје,
8. Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за методот за вреднување на ставките од билансот на состојба и изготвување на деловните биланси,
9. Правилник за изменување и дополнување на Правилникот за видови и карактеристики на средствата кои ги покриваат техничките резерви и средствата кои ја покриваат математичката резерва, како и детално пласирање и ограничување на тие вложувања и нивно вреднување